СВЕТСКА БАНКА: Нафтата во просек ќе чини 67 долари за барел во 2019 година
Објавено во: Економија 09 Јануари, 2019
Просечната цена на нафтата во 2019 година ќе падне до 67 долари за барел, прогнозираат експертите на Светската банка (СБ) во објавениот јануарскиот извештај Перспективи за светската економија, насловен „Помрачено небо“.
- Се очекува просечната цена на нафтата да биде 67 долари за барел во 2019 и 2020 година, што е за 2 долари под јунските проекции. Степенот на несигурност на прогнозата останува висока- предупредуваат авторите на извештајот.
Просечната цена на нафтата во 2018 година била 68 долари за барел, што е „малку под јунските проекции, но е за околу 30 проценти повисока отколку во 2017 година“.
Светската банка појасни дека ја има во предвид едноставна средна цена на нафтата од типовите „брент“, „дубаи“ и западнотексашката ВТИ. Лани во јуни СБ предвидуваше просечна цена за барел нафта од 70 долари за 2018 година и 69 долари за 2019 година. Според експертите, оваа цена на нафтата ќе остане во наредните три години.
Покрај тоа, „се очекува растот на побарувачката на нафта во 2019 година да остане одржлив“, а изгледите за испораките на нафта „зависат во голема мера од производствените решенија донесени од ОПЕК и партнерите надвор од ОПЕК“.
- Постои значителна несигурност за тоа какви ќе бидат последиците од иранските санкции и за можноста за производство на нафта во Венецуела- се вели во документот.
Според извештајот, се очекува производството на нафта во САД да се зголеми за уште еден милион барели дневно во 2019 година.