Тачи со ултиматум до Брисел, ако не ќе се обединат со Албанија и јужна Србија
Објавено во: Балкан 31 Мај, 2019
Ако ЕУ продолжи со изолацијата на Косово, ќе биде разгледана можноста за институционални активности или референдум за обединување со Албанија, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи.
„Тоа можеме да го направиме преку собраниски резолуции или преку референдуми на Косово и во Албанија, но вклучувајќи ги Прешево, Медвеѓа и Бујановац. Ако ЕУ не сака да прифати две албански држави со две знамиња, нека прифатат само едно знаме“, кажа Тачи.
Тој кажа дека идејата за исправање на историската неправда за обединување на Прешево, Бујановац и Медвеѓа со Косово никогаш не била поблиску од сега.
Вели дека однесувањето на ЕУ кон Косово покажува дека дошло времето сериозно да се разгледа преземање институционални чекори за национално обединување.
Изолација за Приштина е колебањето на Брисел да одобри визна либерализација за граѓаните на Косово и Метохија.
Апсолутно сум шокиран од фактот што ЕУ не реагираше на изјавата на Хашим Тачи дека Приштина нема да го спроведе тоа што го потпиша во Брисел, односно формирање Заедница на српски општини, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој изрази надеж дека денеска или утре ќе има реакција од ЕУ и порача оти „знае што треба да прави“ ако нема реакција.
„Чекавме 24 часа ЕУ да реагира. Апсолутно сум шокиран што никој не кажа ниту збор за документот кој е потпишан во Брисел, а чие спроведување го гарантираше ЕУ. Ако тие документи не важат за Албанците, не знам што мислат во иднина со кого ќе разговараат“, рече Вучиќ.
Изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека нема да биде формирана Заедница на српски општини е најдобриот тест за авторитетот на Европската Унија, изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин.