Талат Џафери: Светите браќа оставија капитално дело
Објавено во: Македонија 24 Мај, 2019
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска го честиташе празникот „Св.Кирил и Методиј“ нагласувајќи дека светите браќа оставиле зад себе капитално дело со нивното описменување на народите.
„Дозволете ми од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, да Ви го честитам денешниот празник - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Денешниот ден се празнува за да се искаже почит кон делото на словенските просветители кои историјата ги запиша како основоположници на словенската книжевност и писменост. Нивната работа е капитално дело во развојот на словенската култура и описменувањето, тие го дале дарот на зборот и писмото и тоа ги прави повеќе од достојни за прослава на нивното име и дело. Нивниот придонес е и придонес во светската култура.
Како претседател на Собранието, горд сум што во законодавниот дом имаме голема почит кон различните култури и религии, уверени дека тие се само дополнителна вредност во ова општество. Да продолжиме заедно на овој пат, негувајќи го ова богатството.
Дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и да посакам и патот на нашата земја да биде светол како што е и нивното дело.
Нека е честит празникот!“, се вели во честитката на собранискиот спикер.