Tимоние: Mесеците кои претстојат треба да се искористат на најдобар начин
Објавено во: Македонија 15 Јуни, 2019
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека одредени реформи се веќе спроведени, остануваат и други реформи што треба да се спроведат и навистина билансот е веќе направен.
Додава дека на почетокот на летово ќе има важни средби што ќе се одржат, но исто така и на почетокот на есента.
„Рано е да се прават анализи. Се наоѓаме во суштинскиот период за Европската Унија, впрочем исто како што и периодот е многу значаен и за самите Вас. Но, ако треба да извлечеме каков било заклучок од сето ова ќе кажам дека месеците кои претстојат треба да се искористат на најдобар начин за да може реформската агенда целосно да се спроведе, особено тука мислам на законот за Специјалното јавно обвинителство“, вели Тимоние.
На прашање дали законот за СЈО е услов за добивање зелено светло и од Франција рече дека станува збор за значајна тема за повеќе држави-членки на Унијата, затоа што, како што појасни, тоа е доказ за владењето на правото.
Минатата недела имало зачестени контакти меѓу Франција и Северна Македонија, односно консултации кои се одржувале во претседателството на Франција, францускиот Секретаријат за европски прашања, Францускиот сенат и во француското Собрание.