19 Март, 2024
0.0261

ТИВКИТЕ ГЛАСАЧИ НА СДСМ – зошто решија да останат дома или да гласаат за независни, и ќе дојдат ли напомош во вториот круг

Објавено во: Македонија 25 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Дури ни во самиот Изборен штаб на социјалдемократите не им се веруваше кога пред четири години ја слушнаа веста дека освоиле дури 37 градоначалнички места уште во првиот круг од локалните избори, плус Градот Скопје, на чие чело застана Петре Шилегов.

Покрај метрополата, ги добија речиси сите скопски општини, плус ја освоија локалната самоуправа во сите поголеми градови на земјава, па дури и оние кои во тоа време важеа за класични вмровски бастиони.

Во многу општини, пак, водеа уште во првиот круг и само ја заокружија победата во вториот. Имаше и случај на локална самоуправа, како Штип на пример, каде што во првиот круг нивниот политички ривал беше во водство, но потоа социјалдемократите ја извојуваа победата и го преземаа раководењето со општината.

Фактор направи анализа за тоа колку гласови имале СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на првиот круг од локалните избори во 2017 година во градот Скопје и во позначајните скопски општини, споредбено со резултатите од минатонеделниот прв круг.

Тие недвосмислено покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, која деновиве слави победа на локалното изборно соочување, всушност нема воопшто, или нема позначаен раст на добиените граѓански гласови во поголем дел од општините, па дури има и такви општини каде што е намален бројот на нивни гласачи.

Но, имаат и тоа како причина за радување поради фактот што нивниот главен политички конкурент, СДСМ, доживеа огромен пад на гласовите, некаде дури и преполовување во споредба со оние пред четири години. Тоа ги искачи вмровските кандидати да дојдат во сериозно водство пред нивните противници, па дури и да освојат 22 општини уште во првиот круг, од кои пет скопски, но и општини што се позначајни и поголеми градшски средини во земјава.

Во СДСМ признаваат дека ја сфатиле пораката од овие избори, а таа е дека на гласање не дојдоа „нивните“ луѓе. Оние кои во 2017 година потрчаа и буквално акламативно им ја дадоа поддршката, сега тивко и ненаметливо решија или да останат дома и да им го покажат „жолтиот“ картон, како што вели премиерот и нивни лидер Зоран Заев, или, пак, да гласаат за некој од другите, главно независни кандидати, но и за нивните советнички листи.

За разлика од гласачкото тело на СДСМ, вмровското покажало дека е стабилно и дисциплинирано, генерално, но и дека луѓето не се претерано воодушевени од понудата на нивното градоначалничко мени, па затоа нема фрапантно зголемување на бројот на добиените гласови, иако во споредба со загубениот сдсмовски скор, победата делува многу погламурозно.

Што говорат споредбите гледано по позначајни градови или скопски општини.

Токму скопјани, по се изгледа, овој пат решија да покажат став. Актуелниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, пред четири години во првиот круг освои 141.164 гласови, станувајќи градски татко на метрополата уште во првиот круг со 50,33 проценти од запишаните гласови. Истиот Шилегов во првиот круг од овие избори има освоено 78.783 гласови, или 34,24 отсто од запишаните избирачи. Ова говори дека Шилегов загубил 62.381 глас, од кои барем за дел се надева дека ќе успее да врати во вториот круг, па дури и да ја извојува победата. Надежта ја има и од гласачите кои, како што смета, не излегле на гласање, или, пак, ја дале довербата на некој од другите кандидати во првиот круг, но во вториот сепак ќе се решат да го заокружат неговото име на гласачкото ливче.  

Во Скопје, пак, во првиот круг, тогашниот кандидат Коце Трајановски, пред четири години освоил 101.472 гласа, што било 36,18 отсто од запишаните избирачи. Данела Арсовска која сега е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ добила на своето конто 86.698 гласачи, што е помалку исто така од добиените на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, но сега нејзиниот процент е повисок, 37,68 отсто, што се должи токму на загубата на сдсмовските гласови. И Арсовска очекува дека ќе ја извојува победата, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика сите граѓани и партии, и опозициски и оние кои сакаат, како што рече, да мигрираат, да и дадат поддршка на оваа партија за да се прогласи победа во главниот град, но и во другите општини.

Веќе в недела навечер ќе се знае кој од нив двајцата ќе слави на плоштадот со скопјани за освоената доверба за следните четири години.

Во Аеродром, на пример, Тимчо Муцунски, кој стана градоначалник на стоилјадната скопска општина уште во првиот круг, освоил само 150 гласови повеќе од Ивица Коневски пред четири години, или 18.857 наспроти 18.707 гласови. Значи, нема пораст кај ВМРО-ДПМНЕ, но затоа кај СДСМ има стрмоглав пад, бидејќи Александар Филиповски Цанде успеа да убеди за него да гласаат само 8.967 аеродромци, наспроти Златко Марин, кој во 2017 година ја доби довербата од дури 22.559 свои сограѓани и успеа да стане татко на општината уште во првиот круг. Загубата на СДСМ била 13.592 гласа. Ова говори и дека жителите на Аеродром не „простуваат“, па работите ги решаваат уште на првото изборно соочување.

Во Битоа ВМРО-ДПМНЕ има пораст на гласовите од пред четири години, за безмалку 2.000 или прецизно 1.856 гласа и е многу помалку од загубата кај СДСМ, од 31.337 во 2017 година, на 17.926 на сегашниот прв круг, што е намалување за 13.411 од пред четири години. Сепак, СДСМ се уште се надева дека ќе ја добие оваа општина, сметајќи на гласовите на нивниот коалиционен партнер од ЛДП, Горан Милевски, кои можат да бидат пресудни. Тој, пак, порача дека не би ги насочувал своите гласачи, туку тие самите да одлучат што е најдобро за нивната локална самоуправа.

И во Бутел ВМРО-ДПМНЕ е во добивка, но таа не е фасцинантна, станува збор за 1.167 гласа повеќе кои во сегашниот прв круг ги освои истиот кандидат, Дарко Костовски, споредено со пред четири години. Или, тогаш ја освоил довербата на 7.845 бутелчани, а сега неговото име го заокружиле 9.012 негови сограѓани, доволно за сега да му успее уште во првиот груг да стане градоначалник на таа скопска општина, освојувајќи 52,79 проценти од гласовите. Во Бутел всушност двајца кандидати се натпреваруваа и пред четири години и сега, со тоа што досегашниот градоначалник Велимир Смилевски од СДСМ, пак, има обратен тренд и пад на гласовите за 3.232 избирачи, односно од 10.063 во 2017 година, сега тие се свеле на 6.831.

Марко Колев, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Велес, на својата партија и донесе само 88 гласа повеќе сега во споредба со Славчо Чадиев кој се натпреваруваше за тој град пред четири години, или 12.381 имал Колев сега, додека Чадиев освоил 12.293 гласа во 2017 година. Сепак, Колев во неделата славеше победа уште во првиот круг, со освоени 51,67 проценти од гласовите, само затоа што кај СДСМ има огромен пад, од 15.962 гласа колку што освоил Аце Коцевски во 2017, и станувајќи на тој начин веднаш градончалник со 53,5 отсто од гласовите, сега партијата доби 7.789 гласови, или падот на бројот на избирачите е за 8.173 граѓани.

Гази Баба имаме слична ситуација, со малку поголем раст на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ за период од четири години, но далеку од фрапантен. Во таа општина Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година освоил 16.522 гласа, што е за 1.388 гласа помалку од она што на своето конто сега го доби неговиот сопартиец Бобан Стефковски со освоени 17.910 гласови, доволни за тој да ја заокружи победата уште во првиот круг со дури 59,9 гласови и да стане новиот градски татко на општината за наредните четири години. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, пак, Борис Георгиевски од СДСМ, кој во 2017 година ја доби општината со 17.591 глас и беше нејзин градоначалник во последниве четири години, тоа не му успеа со сегашнава кандидатура, бидејќи освои само 8.804 глсови, или помалку за дури 8.787 помалку, што е всушност двојно намалување на довербата.

Голем пад на гласовите доживеа и Александар Наумовски од СДСМ во уште една скопска општина, Ѓорче Петров, освојувајќи сега 6.597 гласа, што е двојно помалку од 13.155 колку што имаше во 2017 година, освојувајќи со нив 53,75 отсто од гласовите и станувајќи градоначалник уште во првиот круг. Раководењето со општината сега му го презеде Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 9.779 гласови или помалку за 702 гласа од Владо Мисајловски во 2017 година, кој тогаш доби 10.481 глас, но сепак ја загуби општината заради поголемата моќ на СДСМ.

Во Гостивар, пак, анализата покажува дека Невзат Бејта од ДУИ има зголемување на бројот на гласови за 1.095 гласа, но затоа кај Арбен Таравари од Алијанса, сегашен градоначалник, има многу поголем пораст на гласовите, за 4.124 гласа, што сепак не беше доволно сегашниот градски татко да прогласи победа во првиот круг, бидејќи со сега освоените 49,7 отсто од гласовите, му недостуваше многу малку за славје во неделата. Сепак, најверојатно тоа ќе се случи на 31 октомври, барем онака како што сега стојат работите.

Интересен е прегледот на бројките и за Кавадарци. Таму во 2017 година сегашниот градоначалник Митко Јанчев освоил 12.077 гласа, што е само малку повеќе од 11.482 гласа колку што доби неговиот противкандидат Бетиане Китев од СДСМ. Јанчев тогаш дури не успеал ни да заработи победа во првиот круг, како што му успеа сега со освоените 15.182 гласа, што значи дека во оваа општина ВМРО-ДПМНЕ има значаен раст на гласовите, за над 3.000 гласа, а Јанчев, пак, стана градоначалник со доверба од дури 72,35 отсто од кавадарчани. СДСМ, пак, во Кавадарци изгубиле премногу гласови, односно во 2021 година освоиле три пати помалку од пред четири години, или само 4.677 граѓани кои гласале за нивниот кандидат Горан Тодоров.

Во Карпош исто така има значаен пад на гласачите на СДСМ, односно Стефан Богоев пред четири години освоил 21.278 гласови, а сега Душко Весковски од таа партија доби 9.311 гласа. Но, затоа во таа општина пад на гласовите има и кај Стевче Јакимовски од ГРОМ, па ако во 2017 година тој освои 13.607 гласа со поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, сега за него, без вмровските гласови, гласале само 6.841 карпошанец. Копјата ќе се кршат во вториот круг.

И во Кисела Вода има пад на гласачите и кај двете партии, со тоа што минусот е многу поголем кај СДСМ, бидејќи Филип Темелковски кој раководеше со општината во последните четири години, во 2017 година освоил 17.154 гласа, а сега безмалку 10.000 гласови помалку, односно 7.691. Пад на гласовите има и кај ВМРО-ДПМНЕ, односно ако тогашниот кандидат Јохан Тарчуловки освоил 15.479 гласови, неговиот сопартиец Орце Ѓеоргиевски сега добил за околу 800 гласа помалку, или 14.691, но тоа беше доволно да направи скор од 52,34 отсто и да ја освои оваа скопска општина уште во првиот круг.

Во Кочани сегашниот градоначалник Николајчо Илиев од СДСМ има исто така намалување на гласовите, од 11.622 во 2017 година, сега на 8.028 гласови, или за 3.594 гласа, така што сега, со освоен 48,55 отсто од гласовите, му останува да ја бие битката и да се надева на победа во вториот круг. Лидерот Зоран Заев го пофали за сработеното во градот, но свесен за загубата во гласовите, најави дека е потребно уште попосветено работење во вториот мандат. А ВМРО-ДПМНЕ, пак, исто така има загуба, но таа е сосема мала за период од четири години, па ако Ратко Димитров во 2017 година имал 7.895 гласа, сега Љупчо Папазов освои 7.425 гласови на кочанчани.

Куманово е интересно за анализа од повеќе аспекти. Максим Димитриевски пред четири години се натпреваруваше во дресот на СДСМ, и освои 26.289 гласови, доволни за победа уште во првиот круг. Сека поделбата во СДСМ ја чинеше многу партијата, бидејќи самиот Димитриевски кој настапи како независен освои 15.164 гласа, или само 22 гласа повеќе од неговиот противкандидат Оливер Илиевски од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, пак, и официјално објави дека во вториот круг гласовите ќе му ги даде токму на Максим Димитриевски, а тоа се 8.582 гласа кои ги освои актерот Тони Михајловски. Но, треба да се спомене дека ВМРО-ДПМНЕ сега има во Куманово исто така многу полош резултат, бидејќи пред четири години освоиле 14.839 гласови или безмалку двојно повеќе од сега.

Во Охрид, пак, исто така голем пад на СДСМ и благ раст на ВМРО-ДПМНЕ. Констатнтин Георгиевски од СДСМ влезе во вториот круг сега како втор, освојувајќи 12.460 гласови, што е за безмалку 6.000 гласа помалку од довербата што тогаш ја доби сега покојниот негов сопартиец Јован Стојановски, кој ја освои довербата уште во првиот круг. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, Митко Тилевски пред четири години освоил 13.560 гласови, а сега Кирил Пецаков освои нецели 1.000 гласа повеќе или 14.380 гласови.

Докторот Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ е победник уште во првиот круг на изборите во Прилеп, со освоени 22.196 гласови, или за 1.279 повеќе од она што пред четири години го освои неговиот сопартиец Марјан Ристески. Кај СДСМ, пак, и во таа општина има пад за околу 9.000 гласа, откако Горан Сугарески освои 14.655 гласови, наспроти Илија Јовановски пред четири години, кој ја доби довербата на 23.607 прилепчани.

Во Струмица има пад на гласовите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, но во овој град со освоени 13.760 гласови Коста Костадинов прогласи победа уште во првиот круг, бидејќи има 53,7 отсто од гласовите. Сепак, пред четири години Коста Јаневски успеа на контото на СДСМ да запише 18.507 гласачи и со тоа да добие доверба уште во првиот круг, со освоени дури 59,4 проценти. Кај ВМРО ДПМНЕ Марјан Бајрактаров добил 11.751 пред четири години, а сега неговиот сопартиец Жан Дрвошанов има 10.291 глас, или има пад од околу 1.500 гласа.

Горан Герасимовски од СДСМ се надева дека ќе го освои мнозинството од гласовите на центарци на 31 октомври, откако во првиот круг за него гласаа 9.026 сограѓани, што е за безмалку 9.000 гласа помалку од гласовите што ги доби Саша Богдановиќ пред четири години, дури 17.916 гласа, кој со нив освои 63,47 отсто уште во првиот круг и стана градоначалник на централната скопска општина. Пад на гласовите има и кај ВМРО-ДПМНЕ, па ако Дејан Јовановски пред четири години освои 8.094 гласа, сега Наташа Котлар Трајкова добила 7.462 гласа.

И конечно Штип, Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ кој прогласи победа во првиот круг во тој град, или 54,18 отсто од гласовите, сепак имал малку помалку гласови, 13.104, од Илчо Захариев пред четири години, кој тогаш освоил 13.966 гласови. Затоа, пак, кај СДСМ има огромен пад, па ако Благој Бочварски освоил 13.930, со што тогаш бил на второ место, но победи во вториот круг, сега Сашко Николов, кој кусо време раководеше со општината, освои 9.242 гласа, што е намалување за 4.688 гласа.

Нина Нинеска-Фиданоска 

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Стејт Департментот ги стави Катица Јанева и Стевче Јакимовски на црната листа

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Стејт Департментот ги стави Катица Јанева и Стевче Јакимовски на црната листа

ПЕНДАРОВСКИ: Ниту јас, ниту мојот Кабинет сме користеле некогаш странски компании за правење на анкети

ПЕНДАРОВСКИ: Ниту јас, ниту мојот Кабинет сме користеле некогаш странски компании за правење на анкети

СТЕВЧЕ ЈАКИМОВСКИ: И Америка и Свети Америка, јас работам во интерес на граѓаните на Македонија

СТЕВЧЕ ЈАКИМОВСКИ: И Америка и Свети Америка, јас работам во интерес на граѓаните на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ДО СДСМ: Каде им се сега маичките со ликот на Јанева?

ВМРО-ДПМНЕ ДО СДСМ: Каде им се сега маичките со ликот на Јанева?

ПОРАДИ КОРУПЦИЈА: Катица Јанева и Стевче Јакимовска на црната листа на САД

ПОРАДИ КОРУПЦИЈА: Катица Јанева и Стевче Јакимовска на црната листа на САД

СЛОВЕНИЈА, БУГАРИЈА И ЦРНА ГОРА СЕ ПРЕД МАКЕДОНИЈА: Дали земјава е привлечна за меѓународните инвеститори?

СЛОВЕНИЈА, БУГАРИЈА И ЦРНА ГОРА СЕ ПРЕД МАКЕДОНИЈА: Дали земјава е привлечна за меѓународните инвеститори?

(ВИДЕО) ДИСЦИПЛИНСКА ЗА ЧЕТВОРИЦА ПОЛИЦАЈЦИ: Гости во локал мавтале со пиштоли, а тие не презеле ништо

(ВИДЕО) ДИСЦИПЛИНСКА ЗА ЧЕТВОРИЦА ПОЛИЦАЈЦИ: Гости во локал мавтале со пиштоли, а тие не презеле ништо

ПО МЕСО ОДЕТЕ ВО ШТИП, А ПО ГРАВ ВО СТРУМИЦА - и покрај „гарантираните цени“ големи разлики од град во град

ПО МЕСО ОДЕТЕ ВО ШТИП, А ПО ГРАВ ВО СТРУМИЦА - и покрај „гарантираните цени“ големи разлики од град во град

Бујар Османи: Протераните 17 руски дипломати ги фатив живи

Бујар Османи: Протераните 17 руски дипломати ги фатив живи