24 Април, 2024
0.0279

Трајкоска: На „Раде Кончар“ му требаат професионални менаџери, доста е од директори што се водат од лични интереси

Објавено во: Економија 21 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Во пресрет на акционерското собрание во „Раде Кончар“ замислата на „Фактор“ беше да дадеме простор на двете спротивставени страни да ги кажат своите аргументи. Одговори само Владанка Трајкоска, претставник на акционер што предлага смена на Одборот на директори. Татјана Лазаревски, член на актуелниот одбор на директори дрско ја одби нашата понуда да ги изнесе ставовите на Одборот на директори. Трајкоска и дел од другите акционери доставија предлог за разрешување на актуелните членови на Одборот на директори и тоа за многумина беше храбар потег па одекна како бомба во инвеститорската јавност. Вели дека клучен мотив била пасивноста на одборот на директори.

Трајкоска: Сакаме да ги поттикнеме акционерите да не бидат пасивни набљудувачи, туку сами да одлучат што сакаат да се случува со нивниот имот во иднина. Подолго време се обидувавме на сегашниот Одбор на директори (во суштина со години е истиот состав, само на периоди на местото на родителите дојдоа децата и обратно), да им помогнеме со нашите идеи за развој на институцијата со која се обидуваат да раководат. Со самиот факт што Одборот на директори во годишниот извештај за работењето на друштвото за деловната 2017 година како  програма за свој иден развој предвидува остварување на приходи од поднесени тужби и заведени судски спорови, наместо од вложување и инвестирање во нешто што на долг рок би било профитабилно и би носело приход на друштвото, а со тоа и на акционерите, секој понатамошен коментар е излишен. Во досегашното работење на бордот на директори наместо постојано да се проширува работењето на друштвото, како и на друштвата кои се дел од холдингот, друштвата како: Заварување, Алатница, Електрични постројки беа згаснати. Дали и понатаму треба да бидеме рамнодушни?

Токму ова беше мотив за нашето барање за промена на пасивниот одбор на директори. Што се однесува до поддршката од акционерите, јас не би ги селектирала на крупни и останати. Секој акционер е значаен во одлучувањето и секој акционер е должен кон себе и своето семејтво да делува на зголемување на вредноста на акцијата која ја поседува. Поддршката секако ја имаме од оние кои размислуваат перспективно за Друштвото.

ФАКТОР: Оставате впечаток на борец за правата на малите акционери затоа што се спротивставивте на предлогот на директорите да си поделат награда од пари кои не се оперативна добивка туку се средства од продажба на удел во фирма ќерка. Дали сте подготвени до крај да одите во оваа отворена битка и кои се следни чекори?

Трајкоска: Награда согласно статутот на друштвото, Законот за трговски друштва, како и согласно бизнис политиката се дели на менаџери кои го оствариле планот од работењето на Друштвото за тековната година, но потенцирам од редовното работење. Во овој случај Одборот на директори нема остварено никаква деловна активност туку отуѓи капитал. Акционерите остануваат без сопствен имот, за сметка на тоа добиваат дивиденда која не е ни приближно иста со она што треба да го земат. Нашиот предлог беше во целост да се поделат парите на акционерите, затоа што тоа се средства од продажба на капитал,а не да се делат награди.

ФАКТОР: Што според вас е најдобро да се направи со парите кои се предмет на поделба во дивиденда? Дали можеби имаше простор за поинаква стратегија, за вложување на тие средства во инвестиции и развој?

Трајкоска: Парите кои се предмет на пoделба на дивиденда треба да бидат распоредени онака како ќе одлучат акционерите. Доколку мене и моите истомисленици би не прашале ние никогаш не би се откажале од сопственост над друштва кои се постојано во развој. Туку од оние кои се рак-рана на Холдингот. Но, кога веќе дојде до тоа да се распоредуваат парите од оттуѓен капитал, за тоа треба да одлучат акционерите. Но, тие навистина да бидат запознаени со ситуацијата, а не да се манипулира со нив.

ФАКТОР: Каков е соодносот на силите во акционерската структура? Колкава поддршка имаат актуелните директори кои контролираат акции? Дали досега сте забележале дека постојат индиции за злоупотреба на нивната положба и овластувања, за вршење притисок врз малите акционери? Дали имате контакти со мали акционери и дали тие се жалат на односот? Станува збор само за индиции или има и основани сомневања за злоупотреби?

Трајкоска: Соодносот е навистина интересен. Секоја година на собранието се присутни се повеќе акционери, но не лично, туку преку полномошници. Ние присуствуваме на секое собрание на акционери, навистина гласно се бориме за правата кои ни ги дава Законот за трговски друштва. До сега многупати сме побарале увид во полномошната издадени од акционерите што е регулирано со Законот на трговски друштва, но до сега не ни бил дозволен увид. Ова ни пројавува сомнеж дека можеби постојат некакви злоупотреби во однос на акционерите. Редно време е акционерите сами да одлучат што сакаат да добијат за својата акција и колку вреди таа.

ФАКТОР: Од ваша перспектива каква е севкупната состојба (материјална, финансиска и оперативна) во компанијата „Раде Кончар апаратна техника“?

Трајкоска: Тешко е да се коментира било каква состојба на Друштво кое нема дејност. Апаратна техника сеуште се именува како Холдинг, а оваа дејност одамна ја изгубила. Нејзиниот мнозински удел во друштвата (што е основна карактеристика на Холдингот), досегашниот Одбор на директори наместо со позитивна политика на делување да го подигне на повисоко ниво, успеа во целост да го уништи. Испреплетувајќи ги управувачките, роднинските и преовладувачките односи ја занемари суштината на своето постоење. Повеќето од Друштвата пропаднаа, а Одборот на директори немаше никва визија за нивно опстојување. Улогата на Холдингот не е само да паразитира на грбот на две-три друштва, туку треба да работи на афирмација на Друштвата. Со самото тоа што Одборот на директори се откажа од консолидирањето на финансиските извештаи, потенцирајќи дека не поседува моќ за управување со финансиската и оперативната политика, за што одговорно тврдам дека е неточно само го потврди нашето долгогодишно тврдење дека ваквиот начин на работење на одборот на директори е погрешен.

ФАКТОР: Кои се лицата кои ги предлагате да го превземат водството на компанијата?

Трајкоска: Подучени од досегашната историја на поставување на членови во одбор на директори на лица кои се роднински и управувачки испреплетени, често натежнува и прави дебаланс  личниот интерес на поединци, наместо  интересот на Холдингот, наша одлука беше да предложиме членови во Одборот на директори кои немаат никаква поврзаност со сопственичката структура на Друштвата. Мал збор е да кажам ‘врвни’ професионалци, секој во својата област. Ако ги погледнете нивните биографии ќе видите за какви лица станува збор. Тие пред акционерите ќе имаат единствена обврска да го зголемат нивниот капитал и да придонесат за развој на акционерското друштво .

Р. Ф.

Можеби ќе ве интересира

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?