Трајковски: Ги прегледував синусите во Будимпешта
Објавено во: Македонија 17 Декември, 2018
Александар Трајковски на денешното рочиште на СЈО за „Насилство во Центар“ се оправда дека бил во Будимпешта заради тамошен преглед на синусите и дишните патишта, откако пред една недела таму беше фотографиран во придружба на пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски.
Трајковски е обвинет за случајот со нарачките на шамари за тогашниот градоналачник на Центар, Андреј Жерновски, а денеска мораше за прв пат да се појави во јавност откако цела недела беше недостапен по фамозната фотографија.
За време на судењето рече дека со Груевски се сретнал како со сопартиец и поранешен лидер и дека боледувањето како вработен во Царинската управа го отворил токму поради синусите.
Не одговори децидно на прашањето на обвинителката Фатиме Фетаи зошто токму Будимпешта ја одбрал како дестинација за преглед и дали повторно ќе оди таму.
„Отидов, ми констатираа тоа што ми го констатираа, ќе се лекувам тука“, одговори Трајковски, кој воедно е советник во општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.