Трамп објасни што нема да прави на Гренланд
Објавено во: Свет 20 Август, 2019
Aмериканскиот претседател, Доналд Трамп за утеха на Гренлаѓаните, вели дека нема планови да го украси брегот на овој голем остров со својот препознатлив бренд – златната и сјајна кула Трамп.
Трамп синоќа на Твитер објави фотографија на мала крајбрежна населба на Гренланд, а покрај малите куќи додадена и златно жолтата кула со неговото име.
„Ветувам дека нема ова да направам на Гренланд” – напиша тој.
Трамп потврди дека идејата за купување на Гренланд од Данска, била претставена во разговорите во Белата куќа.
„Многу работи може да се направат. Многу наштетува на Данска, затоа што тие губат речиси 700 милиони долари годишно. Го имаат Гренланд со голема загуба. Стратешки, за Соединетите држави, би било добро. Ние сме големи сојузници на Данска, и помагаме на Данска и ја штитиме Данска, и ќе продолжиме” – изјави Трамп.
Трамп во неделата потврди дека САД се заинтересирани за купување на најголемиот остров во свет. Вашингтон и во минатиот век се обидуваше да го купи Гренланд, но Данска одби.
Гренланд е независна територија, а Данска управува со неговата надворешна, одбранбена и монетарна политика.