„Tргнуваме... Ова ќе биде последна победа на Русија“
Објавено во: Свет 05 Јули, 2022
Гувернерот на Луганската област изјави дека, по падот на тој регион во рацете на руската армија, Украина планира контраофанзива.
Според него, украинските сили сега зазеле нови одбранбени позиции во регионот на Доњецк, каде што сè уште ги контролираат големите градови. Покрај тоа, тие планираат да започнат контраофанзива на југот на земјата.
Гувернерот на Луганск, Серхи Хејдаи, по повеќенеделната битка за Лисичанск, градот со кој Русија ја презеде контролата врз регионот Луганск, рече дека битката им овозможила на украинските сили да воспостават позиции во Доњецк со цел „да ја отежнат ситуацијата за Русите таму“.
Хајдај уште еднаш побара од сојузниците на Украина на Запад да испратат повеќе оружје, додавајќи дека украинската армија ќе започне контранапад штом ќе има доволно оружје со долг дострел.
„Руската тактика ќе биде иста. Прво, тие ќе пукаат на сè со артилерија, но ќе им биде тешко да ја освојат територијата“, рече Хајдај.
Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека Украина се надева дека ќе започне офанзива на југот на земјата.
„Ова е последна руска победа на украинска територија. Тоа беа градови со средна големина (Северодонецк и Лисичанск, оп.а.) и им требаа од 4 април до 4 јули, тоа се 90 дена. Толку многу загуби...“ , рече Арестович.
„Заземањето на градовите на исток значи дека 60% од руските сили сега се концентрирани таму и ќе им биде тешко да ги пренасочат кон југ, а нема повеќе сили што можат да ги донесат од Русија. Тие платија висока цена за Северодонецк и Лисичанск“, рече советникот на Зеленски.
И претседателот Зеленски синоќа рече дека украинските сили продолжуваат да се борат и покрај повлекувањето од Лисичанск. „Нашите вооружени сили одговараат, возвраќаат и од ден на ден го уништуваат офанзивниот потенцијал на окупаторите. Мораме да ги скршиме. Тоа ќе биде тешка задача која бара време и натчовечки напори. Но, немаме алтернативи“, рече Зеленски.