Трговците на горива притискаат кај Бислимовски да се зголеми маржата
Објавено во: Економија 15 Април, 2019
Горивата може ќе поевтинат, но може и да поскапат со новата методологија на пресметка штом новодонесениот закон за енергетика ќе стапи во сила, најави Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика. Во моментов трговската маржа за продажба на нафтените деривати изнесува 3,2 денари за литар, но трговците бараат да се зголеми на нешто повеќе од шест денари.
На 30 април годинава ќе се донесе последната одлука за цените на дериватите по постојната методологија. На 8 мај завршува обврската да се применува постојната методологија за цените на нафтата и нафтените деривати што е определена со Анексот на Договорот за продажба на ОКТА.
Во моментов се изработува новата методологија за определување на цената на нафтените деривати.
- Прерано е да се каже дали новата методологија ќе предизвика зголемување или намалување на цените, но очекувам дека ќе бидат тука некаде и дека нема да предизвикаме ценовни шокови, изјави денеска Бислимовски.
Во изработка на новата методологија учествуваат претставници од најголемите трговски компании со нафта и нафтени деривати, Министерството за финансии и останатите државни институции што се поврзани со прашањата за нафтата и нафтените деривати.
Пресметката нема да се заснова само на производна цена, туку основа ќе и биде цената на суровата нафта на светските берзи на која ќе се додадат определени трошоци како премии на трговците, транспортот од пристаништата до резервоарите во кои трговците ги складираат нафтените деривати, трошок за пренесување од складиштето до бензинските пумпи, трошок за маржа,…