Трипуновски: Над 500 вработени во државното Водостопанство три месеци без плата
Објавено во: Економија 19 Јули, 2019
Над 500 семејства во АД Водостопанство веќе трет месец не земале плата, објави денеска Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека директорот на државното претпријатие Илми Селами ги принудувал вработените да потпишуваат Спогодба дека се согласуваат платата за мај месец да им биде исплатена во јули. Вработени во претпријатието ја потврдуваат оваа информација.
„Додека има пари за скапи вина и луксузни коктели и јадења за Николовски, Димковски и нивните сопартијци од СДСМ, директорот Селами ги принудува вработените да потпишуваат Спогодба дека се согласуваат платата за мај месец да им биде исплатена во јули. Исто така претпријатието нема основни средства за работа, резервни делови, нафта кои се неопходни за непречено функционирање на истото, и ова е премногу сериозен проблем. Но, повеќе од очигледно е дека власта и понатаму е глува на оваа алармантна ситуација. Меѓу овие 500 вработени има луѓе кои имаат потреба од секојдневна медицинска помош и им е потребно здравствено осигурување, има луѓе кои имаат кредити, а веќе доцнат со исплата на рати, и луѓе кои имаат мали дечиња кои што чекат храна од своите родители, вели Трипуновски.
Апелира до менаџерскиот тим на АД Водостопанство и до министерот Димковски да престанат да прават, како што вели, притисоци и закани врз вработените кои си ги бараат заостанатите плати а кои што им се чесно заработени. Бара одговорност за целиот случај.