Тројно убиство на предизборна кампања на Ердоган
Објавено во: Свет 15 Јуни, 2018
Три лица се убиени во престрелка на југот на Турција за време на посетата на пратеникот Халил Јилдиз од владејачката партија АКП, која води кампања за изборите на 24 јуни
Престрелката во која 8 лица се повредени се случи за време на кавга, во која беше вмешана придружбата на пратеникот Халил Јилдиз, од партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, додека тој беше во посета на градот Суруч, во близината на сириската граница. Но, различно се известува како избувнал инцидентот.
Државната новинска агенција Анадолија јави дека Јилдиз и неговите приврзеници биле нападнати од противниците вооружени со мотики и ножеви. Агенцијата наведува оти прокурдската партија ХДП е вмешана во нападот.
Меѓутоа, прокурдските медиуми нападот им го припишаа на телохранителите на пратеникот, наведувајќи дека тие отвориле оган на еден градски пазар, кога пратеникот наишол на непријателски прием од продавачите.
Канцеларијата на гувернерот на провиницијата Салиурфа, каде што се наоѓа градот Суруч, соопшти оти тепачката избила меѓу две групи за време на посетата на пратеникот и дека 3 лица се убиени, а 9 повредени.