Tурските демонстранти го разгледуваат следниот потег
Објавено во: Балкан 15 Јуни, 2013
Демонстрантите кои го окупирале паркот Гези во Истанбул го разгледуваат својот следен потег откако премиерот Реџеп Тајип Ердоган се согласи да го прекине спорниот план за реконструкција на паркот и ги повика учесниците во протестите да си заминат по двонеделните антивладини протести.
Синоќешниот повик на Ердоган сепак остана без одѕив, бидејќи дискусијата и договорите меѓу демонстрантите се оддолжила до доцна во ноќта, а илјадници од нив повторно ги наместиле своите вреќи за спиење.
Претходно Ердоган повика мала делегација од демонстрантите да ги убедат илјадниците други да се повлечат од паркот.
- Одете и разговарајте со нив... Не дозволувајте да мораме да употребиме други мерки, истакна турскиот премиер. Тој вети дека ќе ги прекине спорните планови за реконструкција на паркот Гези.
Ердоган на стотината демонстранти, кои и понатаму се наоѓаат во паркот, им порача дека Владата ги примила нивните пораки по разговорите кои се одржаа со цел да се стави крај на двонеделните немири.
- Останавте овде колку што можевте и ги упативте своите пораки. Ако вашата порака се однесува на паркот Гези, тогаш е примена и проценета. Ве молам сега да го напуштите паркот и да си заминете дома, додаде Ердоган.
Во судирите за време на протестите во Турција загинаа пет луѓе, а речиси 5.000 се повредени.