УЈП ќе работи екстра за сите во последен момент да поднесат даночна пријава
Објавено во: Економија 15 Март, 2018
За тие што чекаат до последен момент да ја поднесат годишната даночна пријава УЈП информира дека денес на 15 март, последниот ден од предвидениот законски рок, ќе работи со продолжено работно време.
Имено, сите регионални дирекции на УЈП (Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Прилеп) ќе примаат пријави до 21.30 часот. Покрај тоа, сите даночни одделенија на УЈП (Охрид, Струга, Ресен, Кавадарци, Велес, Неготино, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Виница, Свети Николе, Берово, Гевгелија, Радовиш, Гостивар, Кичево и Дебар) ќе примаат пријави до 18.00 часот.
Даночните шалтери во Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево, Кратово, Делчево, Пробиштип и Валандово, вклучувајќи ги и дополнителните шалтери отворени во скопските општини Центар (зграда на ССМ), Ѓорче Петров, Гази Баба и Аеродром, исто така ќе примаат пријави до 18.00 часот.
Од УЈП воедно информираат дека за ненавремено поднесување, односно неподнесување на даночна пријава и за нецелосно пријавени приходи, законот предвидува глоба која се движи од 100 до 200 евра, во денарска противвредност.