УНЕСКО критикува за Аја Софија, турските власти не ги прифаќаат забелешките
Објавено во: Балкан 25 Јули, 2021
Турските власти ги отфрлија критиките на УНЕСКО за Аја Софија.
Властите во Турција ја отфрлија вчера загриженоста која ја изрази Комитетот за светско наследство на Организацијата на ОН за образование, култура и наука УНЕСКО поради претворањето на историскиот објект – истанбулската црква Света Софија во џамија Аја Софија. Тие нотираат дека одлуката е „пристрасна и политички мотивирана“.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги отфрла оценките на комитетот оценувајќи ги како полни со „предрасуди и пристрасност“ и дека се политички мотивирани. Го обвинија УНЕСКО за кршење на суверенитетот на Турција.
Црквата Света Софија е изградена во 537 година, а во џамија е претворена во 1453 година, веднаш откако трупите на султанот Мехмед Освојувачот го разурнале, зазеле и ограбиле Константинопол, денешен Истанбул.
Пет века подоцна, во 1935 година, за време на проевропската реформа на Турција предводена од Ататурк, била претворена во музеј. Аја Софија е на Списокот на светско културно наследство на Унеско. Одлуката за претворање на Аја Софија во џамија во јули 2020 година предизвика критики низ светот.