ВАЛКАНИ ГРАДОВИ: Колку казни се изречени за прекршување на Законот за јавна чистота?
Објавено во: Македонија 22 Ноември, 2019
Многу македонски градови се валкани, имаат мини депонии, отпадоци и отпушоци од цигари насекаде.
Граѓаните се однесуваат несовесно, па наместо во контејнери и канти, отпадоците ги фрлаат на тротоари, тревници, по паркови. Ова е грда слика која ја забележуваат и странците кои ја посетуваат земјата, а за истото алармираа и од туристичкиот сектор, дека туристите доаѓаат поради убавините, но запаметуваат дека има отпад насекаде.
Граѓаните се самокритични по ова прашање и велат дека толку ни е свесна и културата. Според нив, ќе треба време за да се искорени оваа појава.
„Отсекогаш било така, но тој ни е степенот на култура, треба време да се смени, инаку не е сѐ во казнување. Воспитувањето е најважно, и мислам дека најчесто младите го прават тоа“, вели граѓанин.
Но, дел од граѓаните објаснуваат дека доколку надлежните ги казнуваат граѓаните, ќе има ефект.
„Невоспитани се луѓето, затоа е така. Немаат луѓето домашно воспитување, посебно младите. Јас си ја носам кесата во џеб ако нема канта во близина и ја фрлам дома. Треба да ги „удрат по џеб“, па да се промени свеста“, вели Бранко Спасовски, пензионер.
Со фрлањето фрлањето отпадоци ние самите себеси се казнуваме, вели Љубинка Божиновска, граѓанка.
Куманово е еден од градовите кој во неколку наврати набавува нови канти за смет, но и покрај тоа граѓаните фрлаат смет до контејнер, по жардињери и слично. Поплаки дека е валкано многу пати имало и за Тетово, но и во главниот град не секогаш хигиената е на завидно ниво.
Од полицијата велат дека казнуваат, и дека се изречени казни по Законот за јавна чистота, за фрлање на отпадоци, градежен шут на јавни површини, испишување на графити и слично. Прекршителите ќе платат, или се нафаќаат на општокорисна работа.
„Од почетокот на годината до сега издадени се 43 платни налози, 538 мандантни платни налози, 96 записници за општокорисна работа, осум барања за поведување прекршочна постапка. По друг основ издадени се шест платни налози, пет мандантни платни налози и две барања за поведување прекршочна постапка; Дополнително издадени се 11 мандатни платни налози, три записници за општокорисна работа и три барања за поведување прекршочна постапка“, информираат од МВР.
Најголем дел од казните се изречени на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, а во другите делови од земјава се евидентирани помал број на прекршоци.
Сања Атанасовска