19 Март, 2024
0.0360

Валканпрст и Ѓубрелижач

Објавено во: Колумни 14 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Со следниот цитат, од славното ЦИВИЛно граѓанство ја завршивме минатата колумна: „Што се однесува до радикалите во партијата Левица, властите треба да дејствуваат сега, пред нивната неофашистичка пропаганда да добие сериозни размери.“ Значи, внимавајте „неофашистичка пропаганда“! Значи - „неофашистичка пропаганда“! Да, да, токму оваа етикета, по принципот на „голема лага“ воведен токму од нацистот Гебелс, упорно се лепи на Левица од пропагандната машинерија на НВО-ата афилирани за актуелната власт. И во таа последна колумна, рековме дека оваа етикета заслужува цела нова колумна, затоа што треба да им објаснам детално на моите деца зошто татко им е „неофашист“! Особено да видиме, кој всушност е вистински фашист! Рековме, либераливе толку лесно се расфрлаат со терминот „фашист“ што дури кога би ги плеснал и во нос со чизма вистински фашист, нема да го препознаат. Затоа, да нацртаме што е нацист, фашист и неонацист! Школски и нагледно.

Нацизмот, или официјално „национал-социјализмот“ е политичко-идеолошко движење зачнато од Адолф Хитлер и неговата партија. Но, нацизмот како идеја, сепак има малку подолга историја. Нацистите своја инспирација наоѓаат дури и во философијата на Фихте (1762-1814), а со тоа и во она што се нарекува „германски класичен идеализам.“ Но, малку подистинктивно контурите на нацизмот се исцртуваат сепак подоцна, во идеите на Австриецот Г.Р. Ван Шенер од чиј пан-германски и антисемитистички идеи младиот Хитлер бил директно повлијаен. Тука се идеите и на французинот Јосеф Артур Гобин (1816-1882), со неговиот славен Есеј за човековата нееднаквост (1848), кој станал „Библија“ за американските поборници на ропството. Основите на 19-от век (1899), на Британецот Хустон Стујард Чемберлејн (1855-1927) (зет на славниот композитор Р. Вагнер кој исто така се смета за инспирација на нацизмот), исто така е едно од омилените четива на нацистите. Конечно, тука е и Алфред Розенберг (1892-1946), кој бил главниот идеолог на хитлерова Германија. Но, да не должиме и да навлегуваме во богатата историја на нацизмот, само ќе ги наведеме историските идеи од кои истиот никнал. Имено, во основа на нацизмот лежи т.н. социјален дарвинизам, како обид да се пренесе дарвиновата теорија во општеството. Во таа смисла, нацизмот се повикува на овие идеи да покаже дека некои нации и раси се посупериорни од другите. Оттука и митот за т.н. Ариевска раса, која се разбира е германската и како таква повикана да го владее светот. На големо се користеле теориите за наследството на Г.Ј. Мендел, од што никнала и идејата за еугеника сè со цел да се добие „совршен“ германец преку селективно парење. Сумарно, нацистите верувале во моралната, физичката и интелектуалната супериорност на една нација – германската – и тоа е темелот на секој нацизам. На тоа се надоградува омразата и презирот кон сè останато. Па така, како други дистинктивни карактеристики на фашизмот се: антисемитизмот, презир кон парламентарната демократија, кон комунизмот, но и кон христијанството, понатаму, изразен расизам и ксенофобија, негација на модерните форми на уметничко и книжевно изразување, авторитаризам, тоталитаризам и целосна државна контрола и т.н. и т.н.... Денеска, терминот нео-нацизам или неофашизам се користи да означи крајно десни политички групации.

Веројатно до тука станува полека јасно дека во идеите на Левица нема ниту една од наведените карактеристики на нацизмот, т.е. фашизмот!? Пис јазик и „пизда ви материна“, па дури и „заедно ќе висите“ во ниту една литература не е оквалификувано како нацизам, т.е. фашизам! Па зошто упорно се повторува и се лепи оваа етикета на Левица? Токму заради измислицата од еден нацист - Гебелс! Овој лик бил задолжен за пропаганда во нацистичка Германија и според неговата идеја, „сто пати повторена лага, станува вистина“, т.е. колку поголема е лагата што ја промовира власта, толку е поголема веројатноста да биде прифатена како вистина! И токму истиот ПР-принцип го користат денешниве НВО-а: упорно кокодакаат „фашисти“, „фашисти“, за конечно лагата да стане „вистина“, без ниту еден аргумент зад тоа!

А кои се аргументите и какви се? Рековме, денеска толку лесно се лепи таа етикета, што дури и кога навистина би ги плеснал фашистот со чизма в муцка, тие не би го препознале. Да се обидеме да им покажеме дека чизмата веќе им е в муцка, но не од Левица: Прво, фашист не е оној кој не се согласува со тебе! Макар да имал и дијаметрално спротивни ставови од твоите, тоа не го прави фашист. И уште поважно - не само што денешниве либерали, сè што не им одговара го етикетираат како фашистички – туку од друга страна ги бранат фашистичките политики кон Македонија. Уште полошо, не само што ги бранат, туку се и директни извршители и спроведувачи на тие политики по желба на странски сили, односно држави - од кои едната има извршено геноцид над македонскиот народ, а другата двапати ја има воено окупирано Македонија, еднаш на страна на силите на Оската, односно на страната токму на фашизмот! Да, станува збор за Грција и Бугарија! Значи истите овие кои етикетираат антифашисти како фашисти, инсистираат во Договорот со Бугарија, вистинските фашисти во Втората светска војна да биле администратори!?

Затоа, полека со етикетите! Да видиме кои се вистинските фашисти!? Знаете кои се вистинските фашисти? Вистинските фашисти се оние што молчат на фашистичка одлука донесена пред некој ден од Грција, објавена преку Соопштение од Министерството за надворешни работи, а кое гласи вака: Министерството за култура и спорт информира дека Граѓанското непрофитно друштво „Македонско движење за промоција на мајчиниот јазик“ со регистарски број 5/2018 во книгите на компанијата Едеса е избришано од регистарот на Министерството за културни субјекти. Забраната за сопостоење на друг ентитет кој изразува друга и различна култура и етничка посебност Е фашизам! Премолчувањето на тоа е соучесништво!

Е, истите тие молчат и на фактот што во една демократска, модерна и либерална држава има регистрирано навивачка група Балисти! Во денешна Германија законски е забранета секаква референца на било кој симбол од добата на нацизмот, а во современа Македонија има регистрирано официјална навивачка група која носи име на BalliKombëtar, националистички фронт основан 1939 кој војувал против партизанското и антифашистичкото движење кое ја основало не само оваа држава, туку и е во темелот на современа Европа! Во Втората светска војна, во партизанските единици, рамо до рамо - Албанци и Македонци се бореле против окупаторот, за денес да дочекаме регистрација на нацистички назив. Каква била таа тогашна верба во комунистичката и ослободителна идеја, може да посведочите во книгата на Мариглен Демири и Здравко Савески, Национализмот во(н) контекст: Соработката на Македонците и Албанците од Илинденското востание до НОБ, да видите како бремени Албанки и Македонки биле свирепо убивани само затоа што одбивале да ги предадат партизаните!

Знаете што уште е фашизам? Фашизам е да агитирате, промовирате и директно спроведувате негирање на правото на самоопределување, преку барање за промена на име, идентитет и историја на еден народ. Вие кои етикетирате за фашисти, за ситните грантчиња и доларчиња, организиравте, промовиравте и спроведувавте кампањи „дека идентитетот не сапун да се потроши“, дека „не е точак да ти го украдат“ и ни порачувавте „чуму ни е идентитетот“! Како тоа е фашизам, прашувате? Ако уште не ви е јасно, за крај ќе ви раскажам една вистинска приказна, за што попластично да ви појаснам како тоа е фашизам.

Евреите во Европа, а особено во Германија, не претставувале „проблем“ само во времето на Хитлер, туку многу порано. Верувале или не, дури и во толку фаленото Просветителство! Да, да, во тоа доба на разумот, Евреите не се вклопувале во просветителскиот концепт за културна хомогеност и чистота! И се обиделе да ги „интегрираат“, па Германците сакале да ги направат Германци! Во тој просветителски век, Германците донели мерки со кои Евреите требало да станат германски граѓани. Една од тие мерки биле и промена на имињата на Евреите! Да, да, добро слушнавте: ако сакале Евреите да се интегрираат (NB!), значи да се интегрираат во германското општество морале да добијат германски презимиња, т.е. да ги сменат своите (NB!). И при тоа, за тоа морале и да платат! Оние кои одбивале да го сторат тоа добивале погрдни имиња, како Шмуцфингер (Валканпрст), Дреглекер (Ѓубрелижач) и уште полоши. Оние поимотните, пак Евреи плаќале за убави и звучни презимиња, како на пример, име на цвеќе -Розенблум. А за целосно да се вклопат пак во културната хегемонија, некои Евреи дури избирале звучни имиња, како на пример Епштајн, според замок кој припаѓал на познато семејство од времето на Светото Римско Царство.

Ако и после оваа вистинска приказна на сфаќаат еве, конечно да им нацртам: оние кои заради некаква си интеграција (која, патем и не ја добивме),нè принудија да си го промениме името, се фашистите, заедно со сите оние кои тоа го поддржуваа, промовираа и кои како домашни колаборационисти, свесно работеа на тоа. И да, еден ден за тоа ќе им се суди! А ние? Ние не сме фашисти, драги мои, ние сега за сега сме Валканпрст и Ѓубрелижач...

Трајче Стојанов


Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?