29 Март, 2024
0.0378

Василичарски карневал во Куратица – со малку пари - многу забава и спој на традицијата, архаичното и мистичното

Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

На дваесетина километри од Охрид, сместено  во пазувите на планинскиот масив Мазатар –Бајрак,  на надморска височина од 1100 метри се наоѓа селото Куратица. Со денови животот во ова село пулсира во знакот на василичарскиот карневал кој има дваесет годишна традиција. Жителите ги привршуваат последните подготовки, се дотеруваат маските кои ги подготвуваат со многу внимание. Секоја различна и уникатна.

Организаторите кои посветено работат на ова,  како што велат најзначајно збиднување во селото, велат дека карневалот има посебен, уникатен и несекојдневен дух кој може само да се доживее, а тешко да се опише со зборови. Но се пожалија дека немаат  доволно финансиска помош од државата и надлежните институции,  манифестацијата која станува театар под отворено небо, да заживее како туристичко-културен настан  кој ќе привлече туристи од земјава и странство и економски ќе го зајакне целиот регион.

Претседателот на Советот  на месната заедница – Куратица, Горан Ангелоски  за Фактор вели дека организирањето на една ваква манифестација носи голема одговорност. Најголема помош добиваат од  ентузијастите –волонтери од  здружението “Св Василиј” од  с.Куратица,  иселениците од дијаспората и локалната власт. Но сепак, за вистинско карневалско дефиле смета дека се потребни пари и поддршка.


“Еден од главните проблеми кој се соочуваме е финансискиот дел , каде што мислиме дека конечно треба да се најде слух да биде поддржана оваа манифестација која ке придонесе пред се во туристичката понуда на самото село а исто така и градот Охрид.Ваквите настани кои ги имаме може да бидат дел од една зимска понуда за градот Охрид, која би се одвивала од предновогодишните  денови, а би завршила со богојавление -Водици , каде  на туристите секој ден би им бил исполнет со некој настан и ќе придонесе за економскиот и културниот развој на регионот.Многу важно во курајчкиот карневал е што младите ја имаат прифатено оваа традиција како и останатите, за која Куратица живее во текот на целата година и од тука почнуваат календарски манифестациите  во селото за текот на годината”- објаснува Ангелоски.

Идејата за карневалот почнала во далечната  1998 година, кога група млади иницијатори сакале да ја оживеат традицијата наследена од нивните прадедодвци. Па оттука, традиционалниот дел останал оригинален, пренесуван од колено на колено, кој почнува на 13 ти  јануари со зетот, невестата, бајачот валегачот, музикантите и околу 300 учесници кои секој на свој начин маскирани тргнуваат во посета на сите домаќинства  за бркање на лошите работи од домот и носење радост. Според старата традиција, се пали василичарскиот оган, а потоа  маскираните  василичари одат  од куќа до куќа, посетувајќи го секое семејство во Куратица.

“Се трудиме  да се надогради една долговековна традиција (се смета дека е стара колку и селото) која ја наследивме од нашите прадедовци. Одлучивме традиционалниот дел да си остани оригинален по што и ќе бидеме препознатливи со поворката. Следниот ден насобраната храна се подготвува за насобраниот народ заедно со традиционалната храна „ВАРЕЈНЦА„. Вечерта е завршниот дел од василичарските збиднувања каде што учество земаат сите возрасни и детски маски кои  пријавиле учество. Сето тоа е збогатено со музичкиот дел  кој се претвора во заедничко лудување и збогатено со прогласување на најдобрите маски  со огномет”- додава претседателот на месната заедница.


Главната манифестација, односно карневалот под маски е предвидено да започне од 19 часот, што ќе кулминира со главното дефиле под маски по што ќе бидат прогласени и победниците односно најинвентивните и најуспешните маски. Организаторите на карневалот најавија  огномет со кој ќе привршат годинешните прославувања на празникот.

“Едноставно можеме да кажиме дека постојат многу работи по што е поинаква приказната за курајчкиот карневал, која тешко би се објаснила со зборови доколку човек не го почувствува на самото место,  каде буквално имаме еден филм без режија и сценарио, а маските можат да бидат од политичкиот, секојдневниот и многу вековниот  живот на самите селани”- потенцира Ангелоски.

Карневалот во Куратица веќе се вбројува  меѓу позначајните во земјава,  покрај струмичкиот и вевчанскиот. Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.


Селото е расположено во тесна карстна долина околу  суводолица која надојдува за време на посилни врнежи и прави штета врз домовите и нивите. Заради конфигурацијата на теренот селото има издолжен облик во насока северозапад - југоисток и спаѓа во селата со збиен тип на куќи, со мали дворишта. Во секојдневниот говор кај месното население и во целото охридско подрачје, селото се нарекува со името „Курајца" или „Кураица", а поретко и „Куратица". Со името „Курајца" е запишано (како додаток) и на топографската карта изработена во 1973 година покрај официјалното име „Куратица". Засега најстар пишан документ за името на селото претставува опширниот пописен тефтер за Охридскиот санџак од 1582 година, каде што селото е запишано како „Куратица".

Карневалот во Куратица од година во година се збогатува со нови содржини и се вбројува меѓу позначајните во државата. Организаторите очекуваат  дека со малку помош оваа манифестација може да биде вистински погодок за развој на етно туризмот збогатен со чист воздух и  природа  кои ќе бидат бренд на туристичката мапа и понуда. 

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор