Важно за тие што ќе возат низ Бугарија
Објавено во: Балкан 01 Јануари, 2019
Од денес, патарината на бугарските патишта ќе се плаќа со електронска вињетка, со што повеќе ќе нема потреба да се лепат хартиените налепници на ветробранското стакло. Но, ако некој има хартиена вињетка која важи и по 1 јануари, не треба да ја отстранува се до истекот на нејзиниот рок.
Контрола дали е платена патарината ќе се врши со возила на т.н. полиција за патарина, кои се опремени со специјална опрема која го снима и скенира бројот на автомобилот и ќе сигнализира ако возачот ја нема платено давачката за користење на патиштата. Бугарската Агенција за патишта веќе има активни 105 вакви автомобили. Во Софија тие се поставени на четири пункта, на влезовите во главниот град од автопатите „Тракија“ и „Хемус“ и во Владаја и во Божуриште.
Електронските вињетки можат да се купат преку веб- страницата bgtoll.bg, преку мобилна апликација, 500 терминали за самопослужување лоцирани во бензинските пумпи, како и во регионалните испостави за патарина, каде може да се плати во готово.
Цената на една вињетка е 70 лева, а ќе важи до 16 август, од кога во Бугарија ќе почне да се применува нов систем на наплата на патарините. Новина е и викенд- вињетката која чини 10 лева.
Казната за возење без вињетка е 300 лева.