Веднаш започнува реализацијата на договорот на Вучиќ, Заев и Рама
Објавено во: Економија 11 Октомври, 2019
Денеска започнаа техничките подготовки за спроведување на Декларацијата за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал на Западен Балкан, која беше договорена и потпишана во Нови Сад од страна на лидерите на Србија, Македонија и Албанија - Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама.
Ова го потврди советникот за медиуми на српскиот претседател Сузана Васиљевиќ, која изјави дека на следната средба на лидерите на трите држави за протоколот, на 10 ноември во Охрид ќе се презентира сето она што е направено во врска со декларацијата.
-Тие имаат задача да решат одредени работи, како што се отворањето граници до 2021 година, донесувањето прописи за пазарни инспекции и проток на стоки и капитал, неколку билатерални работи, изјави Васиљевиќ.
Таа додаде дека на вечерата во Нови Сад до детали биле утврдени принципите и основните точки и лидерите успеале за три часа да се договорат „за нешто што други не успеале ни за 30 години“.
Како што вели таа, „малиот Шенген“ не е замена за ЕУ, но е добра порака.