(ВИДЕО) EСКАЛИРАА ПРОТЕСТИТЕ ВО БАЊА ЛУКА: Има повредени
Објавено во: Балкан 25 Декември, 2018
Насилни протести во градот Бања Лука поради отстранет споменик, има и повредени.
Неколку лица се повредени во денешните насилни протести на плоштадот Краина во Бања Лука меѓу полицијата и граѓаните. Полицијата го отстранила споменикот на убиеното момче Давид Драгичевиќ, по што имало судири.
Семејството на Драгичевиќ ја обвинува полицијата дека се обидува да ја прикрие истрагата за убиството на нивниот син.
На протестите на семејството им се приклучила и опозицијата, која најави масовни протести кога полицијата го уапси таткото на Давид, а при апсењето му ја скршиле раката. Потоа настанала тепачка меѓу насобраните со полицијата.
Попладнево е уапсена и мајка му, но подоцна е ослободена. Давид Драгичевиќ е убиен во март под неразјаснети околности. Полицијата привела и новинар кој го снимал апсењето, но тој набрзо е ослободен. Полицијата го огради плоштадот Краина, каде што се одржуваа протестите поради убиството на Давид, со жолта лента.
Родителите на Давид Драгичевиќ тврдат дека тој бил киднапиран, мачен, силуван и дека на крајот го убиле припадници на МВР на Република Српска. Од 26 март на бањалучкиот Плоштад на Краина секоја вечер се одржуваат собири „Правда за Давид“.