(ВИДЕО) ТЕНЗИЧНО НА ЛЕЗБОС: Десничарите нападнаа камп
Објавено во: Балкан 23 Април, 2018
Десничарски активисти синоќа нападнале група бегалци што пет дена по ред кампуваа на плоштадот Сафо, Лезбос, барајќи подобри услови во кампот за бегалци на островот Морија.
Полиција е повикана на плоштадот во главниот град Митилена, откако имало насилство околу 20 часот. Голем број демонстранти, од кои многумина од Авганистан, се повредени од камења и пиротехнички материјали.
Според грчките медиуми, немирите завршиле во 5.30 часот утрово, кога полицијата го испразнила плоштадот, а мигрантите и бегалците насилно се внесени во автобуси и вратени во прифатниот центар Морија, од каде што пристигнале минатата среда за да протестираат. Целата акција на полицијата траела само 10 минути.
Грчката државна агенција АНА-МПА објави дека бегалците отишле во Митилена на 18 април за да протестираат поради одложувањата во обработката на барањата за азил и лажните гласини дека еден авганистански бегалец починал поради условите во Морија.
Во импровизираниот камп Морија има 5.500 бегалци, двојно повеќе од неговиот капацитет за 2.500, според неодамнешниот извештај на Њујорк тајмс.
Лезбос е еден од грчките острови што се најпогодени од бегалската криза уште од 2015, а бегалците и мигрантите најчесто протестираат против лошите услови и пренатрупаноста.