ВИРУСОТ БРЗО СЕ ШИРИ, РИЗИКОТ ДА СЕ ДОБИЕ КОВИД СЕ ЗГОЛЕМУВА: Филипче инсистира на вакцинација
Објавено во: Македонија 18 Септември, 2021
Вирусот многу брзо се шири и можноста да се зарази некој е многу голема, вели министерот за здравство во оставка Венко Филипче во изјава за Сител.
Тој вчера најави дека од октомври само со две примени дози ќе се влегува во молови, во затворени простории, на настани. Од друга страна и за денеска се закажани нови протести против наметнатата вакцинација.
„Откако започна вакцинацијата и сега со новите мерки ситуацијата многу се одобри.Но секако сега брзо се шири вирусот и е доста распространет. Нема друг начин да се заштитиме. Ризикот да се добие ковид е многу голем. Сега со есенските месеци ситуацијата ќе се влошува поради затворениот простор. Затоа ова е логичен след на тоа што го воведовме како мерка претходно. Оставивме подолго време тогаш, и оставаме простор и сега граѓаните да се вакцинираат и од октомври мерките ќе стапат на сила, вели Филипче.
На прашањето дека во многу земји вакцинацијата станува задолжителна дури и за работа, Филипче вели дека тоа е неминовен процес.
„Тоа ќе се случи во многу земји. Сосема е јасно дека ние без вакцина нема да може да функционираме. Вакцината е безбедна, оди во насока на заштита на колективното здравје, рече тој.
Додаде дека во градовите каде опфатот со вакцинацијата е помал, има поголем притисок и болниците се преоптоварени.