Владата се смилува, ќе одвои повеќе пари за почист воздух
Објавено во: Економија 14 Декември, 2018
Владата на денешната 109.седница направи дополнувања на буџетските износи во програмата за заштита на животната средина, односно ќе издвои повеќе пари од претходно предвидените за 2019-та за мерките за почист воздух.
Владата го усвои дополнетиот предлог – буџет за 2019 година по дебатат на власта и опозицијата за државната каса во Собранието.
„Согласно амандманите кои дојдоа од владејачкото мнозинство и од опозицијата во собраниската амандманска расправа, во предлог-буџетот за 2019 година се направени дополнувања на буџетски износи во програмите за заштита на животната средина, со фокус на мерките за почист воздух, на локалната инфраструктура и на програмите за развој на планските региони, како и на зголемување на буџетската поддршка за работата на дел од министерствата, агенциите, управите и други органи на државната управа“, се вели во соопштението од Влада.
Претходно, иако за следната година се очекува рекорден буџет од 3,7 милијарди евра, Владата предложи само 1,6 милиони евра во борбата за справувањето со загадениот воздух, кој претставува голем проблем додека трае грејната сезона.
Конечниот дополнет предлог за буџет за 2019 година ќе се испрати на усвојување во Собранието.