ВМРО-ДПМНЕ ОБВИНИ ЗА НЕПОТИЗАМ ВО НЕГОТИНО: Oва е начин на работење на СДСМ
Објавено во: Македонија 19 Февруари, 2019
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат за нови случаи на непотизам.
Дека непотизмот не е еден случај и единствен, туку е начин на работење на СДСМ говори и примерот со пратеникот на СДСМ од Неготино Ристе Ташев, чија што сестра Катерина Јорданова се вработила во Основното Училиште Страшо Пинџур, велат од партијата.
„Прашуваме, кој е критериумот според кој токму сестрата на пратеникот од СДСМ е вработена, а не некој друг? Сигурни сме дека не била единствена за таму и сигурни сме дека во огласот не пишувало во делот на критериумите – да биде сестра на Ристе Ташев. Нов ден, нов пратеник од СДСМ заглавен во непотизам. Страшно! Да потсетиме и дека во Неготино градоначалникот Тони Делков избран од граѓаните на Неготино ја вработи сопругата Надица Делкова во Основното Училиште Гоце Делчев, кое е директно под неговите ингеренции. Што уште треба да кажеме за Заев и СДСМ да признаат дека јавниот сектор го претворија во семејно-партиска фирма во која се вдомуваат најблиските роднини и тоа за жал на сметка на граѓаните кои остануваат без егзистенција и без можност за вработување и секојдневно тонат во сиромаштија. Јавноста со право се прашува колку државни пари се одлеваат во семејните буџети на функционерите на власта и уште колку нивни роднини станаа вработени во државни фирми, институции, агенции, управи, општински органи и слично. Или обратно да прашаме, уште колку роднини на функционерите останаа невработени за да се вработат и тие? Сигурно се бројат на прсти“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лажниот концепт на Заев „Живот за сите" јавноста го виде на дело. Тој концепт се претвори во "Живот за раководството на СДСМ", додаваат од партијата.
Власта претрпе низа критики поради вработувања на блиски на функционери.