ВМРО ДПМНЕ против екстерното да замине во историјата
Објавено во: Македонија 19 Мај, 2017
Партијата која воведе во образованието екстерно тестирање е против негово повлекување.
Заменик министерот за образование Спиро Ристовски најавата на СДСМ да го укине екстерното тестирање ја окарактеризираше како антиреформа.
Ристовски вели дека овој вид на тестирање е тестирање на реално стекнатото знаење кое е неопходен дел на образовниот процес.
„Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа. Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање е додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата трба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот“, изјави заменик министерот во техничката влада кој што рече дека ВМРО-ДПМНЕ го воведе екстерното тестирање како одговор на една појава која започна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка.
„Факт е дека ваквиот начин на оценување во моментот ги задоволуваше и учениците и родителите, но предизвикуваше штети во две насоки. Прво, ги изедначуваше и подобрите и послабите ученици и влијаеше на потешко препознавање на квалитетот. Второ, ги стимулираше учениците и нивните родители и понатаму без многу труд и учење да добиваат повисоки оценки“, изјави Ристовски.
Тој потенцираше дека ставот на ВМРО ДПМНЕ секогаш бил дека целта на образованието не треба да бидат високи оценки и дипломи без знаење. Основната цел треба да биде знаењето.