Во Романија има само шест слободни кревети на интензивна нега, состојбата е критична
Објавено во: Балкан 11 Април, 2021
Романија во моментов има само шест слободни кревети на одделите за интензивна нега за пациенти со ковид-19, изјави денеска министерот за здравство Влад Воикулеску.
Тој вели дека неколку пати предупредувал дека ситуацијата е критична и дека веќе три месеци се обидуваат да најдат решенија, пренесува романската агенција Адјерпрес.
„Со министерска наредба 555, ја реорганизиравме болницата Ковид, така што пациентите имаат пристап до соодветна грижа. Не зборувам само за пациенти со ковид-19, туку и за сите пациенти. Во моментот во земјата има само шест кревети на интензивна нега, шест слободни кревети“, рече Воикулеску.
Според него, во моментов 11.875 возрасни пациенти и 94 педијатриски пациенти се хоспитализирани со ковид-19 во романските болници.
Во одделите за интензивна нега во Романија има 1.513 возрасни пациенти, а на педијатриски 16 пациенти се на интензивна нега, од кои четворица во моментов се интубирани, рече министерот.