Воспитувачка не можела да поднесе плачење на дете и го отрула со средство за чистење на одводи
Објавено во: Свет 29 Јуни, 2022
Воспитувачка во Франција отрула бебе со средство за чистење бидејќи многу плачело.
27-годишна воспитувачка од градот Лион, убила 11-месечно бебе со средство за чистење одводи. Брзата помош што пристигнала на местото на настанот информирала дека девојчето е пронајдено во безживотна состојба во градинка во Лион и веднаш е пренесено во болница. И покрај сите обиди за реанимација, детето починало, објавија француските медиуми. Инспекторите првично се посомневале во несреќа, но набргу станало јасно дека бебето го убила воспитувачката.
„Воспитувачката дејствувала во напад на бес“, пишува локалниот весник Ле прогрес.
Таа им ја открила вистината на истражителите – дека му дала на детето да ја испие течноста за чистење на одводот. Девојчето непрестајно плачело, а 27-годишната девојка рекла дека „не можела повеќе да издржи“.
Адвокатот на воспитувачката за локалната телевизија БФМТВ изјави дека во нејзините постапки не видел намера да го убие бебето. Воспитувачката тврди дека случајно му дала на бебето отровна течност и дека само „сакала да го смири“. Истрагата е во тек.
фото EPA