Вучиќ без дозвола од Приштина би отишол на Косово?
Објавено во: Балкан 19 Март, 2017
Српскиот премиер и кандидат на претседателските избори, Александар Вучиќ денеска изјави дека во рамките на кампањата сака да го посети Косово и дека тоа може да го направи и без дозвола од властите во Приштина.
Сепак, Вучиќ смета дека тоа не би имало смисла и не сака на тој начин да предизвика проблеми за Србите кои живеат таму, објавија српските медиуми.
Вучиќ кажал дека на Косово може да влезе преку „алтернативни премини“, но потенцирал дека не сака да создаде немир и проблеми за Србите кои живеат таму. Говорејќи за дијалогот со Приштина, тој рекол дека Белград сака процесот да продолжи, но дека другата страна само бара причини и изговор тоа да не се случи.
Вучиќ вели дека не разбира зошто косовскиот претседател Хашим Тачи толку инсистира и брза со формирањето на војска.
Инаку, Вучиќ изјави во петокот дека Владата донела одлука со која го поништува декретот на Приштина со кој се презема српскиот имот на Косово и Метохија. Владата ја прогласи приштинската одлука за ништовна и неважечка.