ВУЧИЌ КОНТРА ЕРДОГАН ЗА ЛОБИРАЊЕТО ЗА КОСОВО: Турција е голема сила, но не е Србија толку мала
Објавено во: Балкан 21 Јули, 2021
Србија ќе се спротивстави ако Турција лобира за Косово, му порача српскиот претседател Александар Вучиќ на својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган.
Вучиќ изјави денеска дека, според договорот од Вашингтон, и Белград и Приштина имаат обврска да се воздржат од кампања за повлекување или лобирање за признавање на независноста на Косово. Тој рече дека Србија ќе стори се за да ги заштити своите интереси, ако другата страна го крши тој договор, јави дописникот на МИА од Белград.
За најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе започне лобирање за независноста на Косово, Вучиќ одговори дека Турција е велесила, а Ердоган е голем лидер.
„Ќе се обидам да разговарам со него. До 1 септември, според Вашингтонскиот договор и едните и другите имаме обврска да се воздржиме од лобирање, но ако тие започнат пред тоа … Турција е голема сила, Ердоган е голем, јас сум мал и занемарлив, но не е Србија толку мала што не би се обидела на тоа да се спротивстави, и верувам дека тој малку ќе го ублажи својот став“, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека „ова не е турско“ и дека Србија нема друг избор освен да се бори за својата земја и народ.
Се споменува и дека е можно Грција да го признае Косово, затоа што односите ги подигнаа на едно повисоко ниво.