25 Април, 2024
0.0293

Интервју на специјалниот советник за регионални прашања на претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија Горан Свилановиќ

Свилановиќ за МИА: Отворен Балкан не е конкуренција на КИФ, ниту нова агенда – целта е само да се движиме побрзо напред

Објавено во: Економија 28 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Не гледам конкуренција меѓу Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и Отворен Балкан, ниту некаква поделба или отфрлање на другите земји. Работата е Северна Македонија, Србија и Албанија да не чекаат, да одат малку побрзо, а да бидат отворени за сите останати. Другите треба да согледаат дали овие три држави договорија и прават нешто вистински корисно и ако да, да речат: „па ајде и ние“, вели во интервју за МИА поранешниот генерален секретар на Советот за регионална соработка и дипломат, Горан Свилановиќ.

Според него, деловната заедница и луѓето од регионот воопшто, бараат конкретен бенефит и операционализација на соработката дефинирана на хартија.

Свилановиќ во интервјуто зборува за бизнис потенцијалите на регионот и нивната (не)искористеност, за воспоставувањето заеднички регионален пазар и за потребата од усогласување на инвестициските политки, но се осврнува и на владеењето на правото, како и на евроинтеграцискиот процес.

Г-дине Свилановиќ, закажана е втората средба на Отворен Балкан за почетокот на ноември во Белград. Зошто ваква нова иницијатива кога веќе постои Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и ако пораката од Скопје беше „Историјата да се затвори, бизнисот да се отвори“, што можеме да очекуваме сега?

– Во 2017 година премиерите на сите шест земји, со целосна поддршка на ЕУ и САД, се согласија да се движиме во правец на создавање едно регионално економско подрачје. Од тогаш до денес, се отиде чекор напред кон Заедничкиот регионален пазар 2021 – 2024, зад кој има документ со прецизно дефинирани активности. Идејата е да се искористат четирите слободи: слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал, да се работи на трговија, дигитализација, истражување и наука и регионот да почне да функционира како една целина.

КИФ настана истата година, како глас на бизнисот, што во овој процес навистина недостасуваше. Политиката се развиваше, а бизнис секоторот тука немаше јасно учество. Кога се формира КИФ, идејата за заеднички пазар првпат се доближи до деловната заедница. КИФ испрати 14 писма до ЕУ во име на бизнис заедницата од регионот, наведувајќи што конкретно бара и рече „сакаме побрзо и сакаме датуми“. Тоа исклучително го ценам. Не се работи за датум за членство, туку за датум кога она што е начелно договорено ќе се потпише и ќе почне да се спроведува. КИФ тоа го побара и од лидерите на нашите земји, но и од ЕУ – да се каже конкретно кога склучените договори ќе влезат во сила, како што беше случајот со роамингот.

Луѓето бараат да видат конкретен бенефит од соработката – во транспортот каде камионите се уште стојат или во слободата на трговијата со услугите. Ако сте сопственик на стоматолошка ординација во Скопје, да можете да отворите ординација каде било во регионот без дополнителни процедури, квалификацијата да ви биде признаена. Овие работи мора да се операционализираат. Но, засега стојат. Зошто? Затоа што некогаш треба навистина многу закони да се сменат, а некогаш и најчесто за некои прашања се уште нема решение, како во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тука е всушност воведот во приказната со Отворен Балкан. Тоа е вистинската причина за ваквата иницијатива. И воопшто не се работи за друга агенда. Целта е само да одиме побрзо, но истовремено да бидеме отворени и за останатите. Во таа смисла, не гледам конкуренција меѓу КИФ и Отворен Балкан, ниту некаква поделба или отфрлање на другите земји. Работата е овие три земји да не чекаат, да одат малку побрзо, а да бидат отворени за сите останати. Другите треба да согледаат дали овие три држави договорија и прават нешто вистински корисно и ако да, да речат: „па ајде и ние“.

Дали тоа значи дека, практично, ги заобиколуваме проблемите на некои од земјите на КИФ за да движиме напред?

– Чесно е тоа што го кажавте. Не можам да не се согласам со Вас. И тоа во дипломатијата го имате – „кога не можеме да се договориме околу некои теми, ајде да се договориме дека не сме се договориле, а да работиме на она околу кое можеме да се договориме“. Точно тоа се случува во овој момент.

Не можам да кажам која ќе биде пораката од втората средба на Отворен Балкан во Белград. Навистина се надевам дека се што сега работи оваа тројка, ќе го интегрираме на овој единствен пазар во регионот, нешто што ЕУ го поддржува јасно и е подготвена да инвестира средства. Средства ќе инвестира кај сите нас, во одредени сфери (климатски промени, енергетика), во сé она што се вика „зелена агенда“ за Балканот, како дел од идејата за ЕУ на новите генерации. До 20 милијарди евра треба да се слеат во регионот според Европскиот инвестициски план. Отворен Балкан ова не го руши, нема друга, некаква своја агенда. Единствената цел е да се оди побрзо и ништо повеќе од тоа. Тоа значи, на пример, ако имате право на престој тука, да имате право на престој и работа и во Србија и во Албанија, во сите три земји.

Ако еден ден навистина бидеме во ЕУ, идејата е таа. Само, во очекување на таа голема одлука на ЕУ, велиме: „Зошто ние да не го примениме тоа што можеме“. Тоа, дополнително, е и во согласност со европските прописи. Не седнаа тројцата лидери и не рекоа: „Е сега ќе направиме нешто што нема врска со ЕУ“. Туку, само, „ајде ако може побрзо, да бидеме поефикасни и некои договори да ги дотераме дотаму како што е во Европската унија“. Нема буквално никаква „зла крв“ во тоа.

Се најавува средба во Будимпешта меѓу стопанските комори од Западен Балкан и коморите од Вишеградската група. Која е идејата зад сето ова? Дали само „собирање“ искуства или можеби има и нешто друго?

– Да бидеме искрени. Дали тие не поддржуваат во нашите европски аспирации и во нашиот развој? Да. Дали одделни земји од таа група во овој момент имаат поинакви сфаќања внатре во Унијата? Имаат. Тоа е точно. Но, ние на никој начин не влијаеме на тоа, ниту се мешаме. Има неколку добри работи кои досега овие земји ги направија додека го одеа патот кон ЕУ. Успеаја меѓу себе да се договорат за некои заеднички политики, заеднички да туркаат некои процеси низ ЕУ и тоа можеме да го научиме од нив. На пример, лобирањето внатре, кај земјите-членки. Како изгледало лобирањето пред да влезат во ЕУ, а како потоа. Тоа навистина може да биде корисно за нас и не би го мешал со проблемите кои ги имаат некои од овие земји членки со Брисел.

Регионот се чини како постојано да ја врти истата „матрица“. Една држава (Југославија) веќе „растуривме“, а сепак „се држиме заедно“, форсираме некакви заеднички  иницијативи, го бараме „спасот“ во меѓусебната соработка. На што се должи тоа и дали го фаќаме вистинскиот правец? 

– Ова го слушнав прво како забелешка – „овие сакаат да прават повторно Југославија“. Но, не е таква идејата. Никој не прави Југолсавија. Народите кои живеат во овој регион сепак во еден момент се изборија за независни, суверени и сопствени држави. Не се подготвени да одат чекор назад и никој за тоа не размислува. Исто така, секоја од земјите се определи и за членство во ЕУ. Но, заедно со тој сон, се случува и вистинскиот живот. Да зборуваме отворено. Животот оди по некои текови кои големата политика ја ставаат некако на страна.

Нашата реалност е заеднички пазар иако постојат пречки: фитосанитарни инспекции, непризнавање сертификати, нерегулирани премини, чекање редови или проблеми со извозот на жито како што е случајот меѓу Србија и Северна Макдонија. Такви пречки ќе постојат и по 10-15 години, но важно е што тука нема политички проблеми иако тие се рефлектираат зашто ако на политичко ниво нема договор, тоа се чувствува и во бизнисот и ги забавува процесите.

Треба да се овозможи движење со лични карти. Јас одам и во Приштина со лична карта, но луѓето од таму не можат да одат со лична карта во БиХ. Тоа е реален проблем што треба да се реши. Ако така не можат да патуваат, луѓето нема да сакаат и да работат – ќе им треба виза, документи.


На повидок е нова криза. Според предупредувањата, допрва не очекуваат ценовни шокови. Струјата на светските берзи е 240 отсто поскапа во однос на минатата година, а цените на храната, според ФАО, се зголемени за 32 процента. Колку е важно во вакви услови, секоја држава одделно да реагира, да преземе некакви мерки внатре и што конкретно треба да се направи за да се амортизира ударот? 

– Енергетската криза ја чувствуваме сите, поврзана е и со КОВИД-от, но и со непланирањето на капцитетите за складирање и недоволно јасните развојни политики. Ние имаме клучен партнер, тоа е Секретаријатот на Енергетската заедница, чија задача е да овозможи трансмисија на европските политики надвор од нејзините граници, што значи накај нас, за во голема мера да ги применуваме. Тука имаше разни застои. Таа политика појде од енергетика, но во овој момент е споена со заштита на животната средина. Се настојува овие простори да се подготват за климатските промени. Сите ние се согласивме на тој „трет пакет“, но го применуваме со многу застои.

Според мене, единствениот вистински одговор е зголемување на капацитетите на обновливи извори. Заеднички ни е проблемот, решенијата на ниво на ЕУ се договорени, а секоја од нашите влади треба да вложи дополнителен напор за да се обиде да го спроведе тоа, да видат дали добро го планирале прилагодувањето и да го продолжат договореното во ЕУ. Ништо не е специфично тука што не сум го видел во Белград, Подгорица или Сараево, ниту станува збор за тоа дека некоја влада е повеќе или помалку способна. Енергетиката ќе биде скапа, но ќе биде скапа за сите нас што ќе биде само поука дека треба многу повеќе и побрзо да се инвестира. Никој од нас нема да биде енергетски независен.


Можеби ќе ве интересира

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди