За Мицотаксис „Република Илинденска Македонија” е иредентистички предлог
Објавено во: Балкан 19 Мај, 2018
Лидерот на грчката опозициска партија Неа демократиа, Кирјакос Мицотакис и поранешниот министер за надворешни работи, социјалистот Евангелос Венизелос го отфрлија предлогот „Република Илинденска Македонија” како иредентистички, пишува весникот „Катимерини”.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во телефонски разговор го информирал за името за кое разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев во Софија, но реакцијата од опозицискиот лидер e негативна.
Извори од Неа демократиа изјавиле дека Илинден се поврзува историски и директно со напорите за формирање, како што пишува весникот, „македонска” држава која го вклучува Солун и се протега до Егејско Море.
Венизелос рекол во парламентот дека тоа име е „олицетворение на иредентизам”.
Ципрас наводно му рекол на Заев дека новиот предлог за име треба да се разгледа и нагласил дека очекувањата треба да се држат на ниско ниво, пишува весникот.
Ципрас за новиот предлог за решение за името треба да го информира и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.