За Павлопулос Македонија фалсификува историја, а Дуда вели вратите на ЕУ треба да бидат отворени
Објавено во: Балкан 20 Ноември, 2017
Полскиот претседател, Анджеј Дуда, кој од денеска е во официјална дводневна посета на Атина со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос разговараа и за Македонија.
Грчкиот претседател вели дека ја поддржува европската перспектива на нашата земја.
Но, Павлопулос вели дека нашата земја ќе треба да ги почитува историјата и меѓународното право.
„Кога користи имиња кои не само што ја прекршуваат, би рекол ја фалсификуваат историјата, туку во исто време шират иредентизам, тоа е кршење на европското законодавство кое како главен предуслов го има целосното почитување на статусот кво на границите“ - рече Павлопулос.
Тој на неговиот полски колега му ги претстави позициите на Грција во однос на Македонија, Албанија и Турција.
Дуда говорејќи за предусловите за интеграција на Македонија и Албанија во европското семејство се задржа на сосема други теми од оние на неговиот грчки колега.
„За овие земји вратите треба да останат отворени. Но, навистина, треба да се исполнат предусловите за интеграција. Тоа значи борба со корупцијата, тоа значи борба со организираниот криминал, тоа значи правни реформи и почитување на човековите права. Треба да ги поттикнеме овие земји и да ги убедиме дека овие промени ќе ги одведат кон европска перспектива“- изјави Дуда.
Според Дуда, портите на ЕУ треба да бидат отворени за државите од Балканот.