19 Април, 2024
0.0232

За сите првачиња...

Објавено во: Колумни 04 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Прв училиштен ден, во многу семејства осамнат низ празнична вознемиреност, помешана со радост и исчекување. На влезната врата од училиштето со второ име Нашето Училиште, сѐ е подготвено за малите првачиња. Ќе ги пречека весела и малку збунета раздвиженост. Детски искрено и можеби срамежливо, ќе си подадат раце некои поранешни и многу нови другарства. Заедно, како дел од развлечените колони кои првпат денес ќе се направат, ќе ја следат приредбата за добредојде. Потоа, училишното ѕвонче конечно ќе го означи почетокот на првиот час. По некоја солза ќе светне во очите на мама, или некој друг , и големата авантура за првачиња деца и првачиња учители, ќе може да почне.

Пред малите ученици ќе се редат многу важни лекции и тие веднаш ќе почнат да учат:

-како се викаат новите другарчиња;

-по кој пат се стигнува до училницата;

-кои се другите простории;

-што можат да прават на час, а што на одмор;

-како се позајмува, помага, соработува, споделува, учи...

Заедно со најмалите ученици ќе растат и нивните родители. Тоа растење не е секогаш едноставно, за толку пораснати првачиња. Учејќи ги своите деца и тие ќе учат:

-како да дадат безрезервна поддршка, а да не презаштитуваат;

-што можат и што не можат да очекуваат во Нашето Училиште;

-зошто секој ученик се натпреварува сам со себе и никој не е секогаш најдобар во сѐ;

-како да се справат со промените, во семејството со нова титула – семејство на прваче...

Прв училиштен ден во многу училишта. Ќе се обидеме нежно да ги внесеме во еден нов свет, нашите мали првачиња. Во него, како што деновите ќе минуваат, полека ќе почнат да го препознават своето второ семејство. Ќе бидат многу слични, но и различни, секој на свој единствен начин. Ајде така да ги видиме и така да ги разбереме, сите ние кои имаме одговорност и привилегија да бидеме тука за нив, додека растат.

Да им дадеме време и да бидеме трпеливи со одговорите.

Да им посакаме, лесно да се справуваат со предизвиците и лесно да го пронаоѓаат скриеното богатство на островот Нашето Училиште.

Да им помогнеме, да бидат успешни ученици, кои со радост ќе ги совладуваат задачите и секојдневно ќе ги откриваат убавините во другарувањето, знаењето, љубовта, играта...

Да им кажеме СРЕЌЕН ПОЧЕТОК на сите денешни првачиња - ученици, родители и учители!

Елизабета Петровиќ


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок