Забранет влез за Вулин во Хрватска, Србија ќе врати со контрамерки
Објавено во: Балкан 24 Април, 2018
Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска дека Србија ќе воведе контрамерки за Хрватска поради тоа што таа држава забранила влез за министерот за одбрана, Александар Вулин.
Брнабиќ не даде детали, тоа ќе се знае утре. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вчера дека „на забраната за влез на министерот Вулин во Јасеновац, Србија ќе одговори со контрамерки“. Тој додаде дека Владата в четврток ќе разгледува какви мерки ќе преземе.
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, денеска изјавила дека не ја интересираат реципрочните мерки кои Србија ќе ги воведе за Хрватска поради забраната за влез на српскиот министер Вулин во државата, туку само продолжението на дијалогот.
„Не сакам да знам кој ќе биде реципрочниот одговор на Србија, туку ме интересира како ќе продолжи дијалогот. Србија мора да одлучи како понатаму“ - изјавила Китаровиќ. Таа во интервју за хрватска радио-емисија изјавила дека не е задоволна со односите помеѓу двете земји.