Заев: „Гересхајмер“ дојде по потпишаниот протокол со НАТО
Објавено во: Економија 23 Октомври, 2019
Германскиот инвеститор „Гересхајмер“ за производство на медицинска пластика денеска го означи стартот на изградбата на својата фабрика во зоната Бунарџик во Скопје. Производитеот ја најави својата инвестиција во март годинава, а денеска го постави камен-темелникот.
Премиерот Зоран Заев наведе дека овој инвеститор ќе го гради капацитетот до крајот на првата половина од 2020, а на почетокот од втората фаза од истата година ќе започне производството. Додаде дека инвеститорот уште сега најавува проширување на инвестицијата и вработување на високостручни профили.
- Инвестицијата ќе се простира на 12.500 метри квадратни. Првите проценки се 400 работни места. Зоната е едно големо градилиште, има 12 нови фабрики. По план треба да има тука вкупно 4.300 работни места. По потпишувањето на протоколот за членство на НАТО пристигна и веста дека „Гересхајмер“ донеле одлука да инвестираат во Македонија. Остваривме рекордна вредност на странски директни инвестиции, работиме на индустријализација со високи технологии и добри платени работни места. Ќе забрзаме во фаќањето приклучок со развиените земји, а младите да го планираат својот живот дома. Инвеститори како „Гересхајмер“ го креваат имиџот на нашата земја и носат повисоки плати, рече Заев.