Заев и Борисов ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев
Објавено во: Македонија 27 Јули, 2017
Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, по што свое обраќање ќе има претседателот на Владата.
Во рамки на прославата по повод 114-годишнината од Илинденското востание и по повод 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, претседателот Ѓорге Иванов ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев, а ќе се поклони и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методиј Андонов – Ченто, каде ќе има свое обраќање.
Свечености по повод Првото заседание на АСНОМ ќе се одржуваат во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, каде ќе се обрати вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Централната прослава на 2 Август ќе биде на Мечкин камен во Крушево, а пред тоа во храмот „Свети Никола“ ќе биде одржана панихида.
Свечената програма на народниот собир на Мечкин камен ќе почне со пристигнувањето и со поздравот на коњицата, по што ќе следува церемонијата на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и со интонирање на химната на Република Македонија. Пред присутните гости ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што ќе има пригодна културно-уметничка програма.