28 Март, 2024
0.0390

Заев и Мицкоски ги вкрстија ракавиците, но нокаутот ќе го чекаат на избори

Објавено во: Македонија 27 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Вториот директен ТВ дуел меѓу лидерите на власта и опозицијата донесе многу пожестока реторика, поконкретни одговори, но и меѓусебни обвинувања за водење штетни политики врз државата. Заев и Мицкоски имаа над два часа простор да дадат одговори на жешки прашања кои го окупираат јавното мислење како што е реформата на правосудството, прифаќање на Договорот од Преспа, непотизмот, водењето на изборната кампања и создавање услови за фер претседателски избори, евроатлантската иднина, а сосема малку посветија внимание на економските прашања.

Грешки, лапсуси и „мрчење“

Соочувањето меѓу Заев и Мицкоски помина во добар дел со воздржување од етикетирање и навреди, освен кога двајцата ги споменаа татковците еден на друг. Мицкоски откри дека таткото на Заев бил обвинет за кражба на струја, додека пак премиерот посочи дека професорот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ е пример за директен непотизам како асистент на факултет на неговиот татко. И двајцата беа принудени да дадат аргументи зошто ваквите обвинувања не се вистинити. Исто така Заев користеше послободен говор дека опозицискиот лидер „мрчел“ за висината на казните за осудените за Крвавиот четврток. Мицкоски, пак прашан за лапсусот со споредбата на судењето на 27 април со Нирнбершките процеси не се повлече од изјавата, туку дополнително ја зацементираше погрешната позиција дека мислел на изречените драконски казни иако во овие судење се осудени Нацистите за најтешките воени злосторства во историјата на човештвото.

Дали публиката ги доби Гладијаторските игри кои ги очекуваше?

Ако во минатото немаше ниту едно директно соочување на ставовите на Груевски со неговите противници, сега атмосферата е променета драстично и се чини дека ваков вид на дебата јавноста долго време ја посакувала и очекувала, некои за да гледаат сеир и да пишуваат досетливи статуси на социјалните мрежи ловејќи ги лапсусите на политичарите, други за само подобро да ги чујат и афирмираат ставовите кои ги негираат нивните партиски лидери. За неутралните и неопределените гласачи ова е и шанса подобро да увидат за што се залагаат премиерот и првиот човек на македонската опозиција иако судејќи според настапите на двајцата многу повеќе „месо“ добија тие кои носат партиски дресови, бидејќи немаше големи отстапки од досегашната партиска реторика.

Слабите страни на двајцата дуелисти

Мицкоски испушти неколку шанси да даде конкретна осуда за крвавите настани од 27 април велејќи дека казните биле драконски и претходно напишани во партиски кулоари, без оглед што државата на тој тежок ден беше на раб на голем граѓански конфликт се несогледливи последици доколку некој од пратениците или новинарите беше убиен. Иако директно пред Заев повтори дека го осудува насилството, не се согласувал со огромните казни за тие кои директно не кренале рака.

Заев остана на своите добро познати ставови дека се залага за евроатлантска иднина, дека со Договорот од Преспа треба да се биде внимателен за политиките и внатрешните прашања на соседите па затоа и не падна во стапицата која сакаше да му ја постави опонентот прашувајќи на кој јазик говорат Македонците во Воден. Од друга страна, пак Заев не даде поголем спектар на решенија и идеи за реформи за економијата и внатрешната состојба за која премногу се потпира на влезот во НАТО и отпочнување на преговори со ЕУ, како тогаш со магично стапче се ќе се подобри и веднаш ќе влезат стотици милиони евра инвестиции, а платите ќе растат како лепче со квасец.

Мицкоски пак, иако беше ставен под „рефлектор“ што тој би направил за да ја внесе земјата во НАТО и ЕУ и како би го одблокирал ветото на соседите без ваков вид на договори, немаше конкретен одговор, односно единствено истакна дека парафот во Нивици е капитулантски чин и дека СДСМ се откажала од вековните придобивки на генерации на Македонци.

Пресудни избори за претседател и што по нив?

Според насоките кои ги дадоа Заев и Мицкоски со нетрпение очекуваат да се судрат на парламентарни избори каде вистински ќе се види кој ќе ја добие целосната поддршка од гласачите, а со тоа да има шанса да формира и Влада. Двајцата се уверени во победата на кандидатите зад кои застанаа нивните изборни коалации, но при неуспех на Пендаровски постои голема веројатност дека брзо ќе се оди на предвремени парламентарни избори. Заев јавно кажа дека е подготвен да ја понесе одговорноста за тоа со распуштање на парламентот, додека Мицкоски за евентуален пораз на Силјановска нема веднаш да поднесе оставка, туку ќе поднесе извештај во партијата и раководните тела ќе одлучат што ќе биде со неговиот четиригодишен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе се најде ли „чаре“ за СЈО и реформите за ЕУ?

СЈО и натаму е омилена тема за судир меѓу власта и опозицијата, особено што токму носењето на овој закон има висока политичка цена, како една од последните реформи на правосудството со која треба да се исполнат поставените услови од Европската Комисија за започнување на поглавјата од преговорите за членство во ЕУ. Во живо, Мицкоски тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ поднеле 65 амандмани во Собранието и во Министерство за правда откако министерката Дескоска Треневска ги прифатила нивните начела и принципи за оформување на законското решение. Сагата за тоа дали навистина амандманите се доставени продолжи и по ТВ дуелот со тоа што Министерството за правда и собраниските служби негираат дека амандманите воопшто достигнале до нивните архиви. Покуси не останаа ниту од опозициската партија која прикажа електронска комуникација меѓу претставникот Менинковски кој преку е-мејл ги доставил амандманите до Дескоска.

Мицкоски беше упорен дека ако Заев ги прифати амандманите законот за обвинителство лесно и веднаш ќе се изгласа во парламентот и земјата ќе ги исполни условите на ЕУ. Премиерот, вети дека секој амандман кој не штити криминал во опозицијата или било кој друг политичар, ќе биде целосно прифатен ако е во согласност со Уставот и препораките на меѓународната заедница вклучувајќи ја и Венецијанската комисија. За него е непринципиелно тоа што Мицкоски коментирал имиња на обвинители и судски пресуди, и дека се залага само за избегнување на одговорност кај опозицијата.

На ваквите обвинувања Мицкоски возврати дека не може да дозволат СЈО кое нема да одговара пред никого, кое ќе се служи само за притисок и прогон на политичките неистомисленици, како и тоа дека мора да се изврши проверка преку истрага на независна комисија која ќе утврди како досега потрошиле 15 милиони евра за што имале индиции дека дел биле и злоупотребени. Во однос на заштита на криминалот, Мицкоски вели дека тој не носел закони како неодамна за политичка и кривична амнестија за остварување на одредени цели. Заев, уверуваше дека сака решение за обвинителствата со целосен консензус и дека целиот придонес на опозицијата ќе биде признаен и јавно пофален, па така не даде конкретен одговор дали ќе се оди на заобиколување на ВМРО-ДПМНЕ и остварување на двотретинско мнозинство со помош на истите осуммина пратеници кои помогнаа да се изгласаат уставните измени. Мицкоски пак, за неодамнешните сопартијци на очиглед на целата јавност посочи дека во политиката нема неповратни насоки и дека постои можност тие да бидат вратени во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ДОБРО БРЕ ГОВЕДА ЕДНИ“: Миа Костова распали поради измама „Прво лепевте доктори, сега стасав и јас на ред!“

„ДОБРО БРЕ ГОВЕДА ЕДНИ“: Миа Костова распали поради измама „Прво лепевте доктори, сега стасав и јас на ред!“

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

„ПОСЛЕ МОЕ 30-ГОДИШНО ЧЛЕНСТВО КАЖУВАМ, СДСМ ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА“ - Весна Ангелова со искрен став за матичната партија

„ПОСЛЕ МОЕ 30-ГОДИШНО ЧЛЕНСТВО КАЖУВАМ, СДСМ ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА“ - Весна Ангелова со искрен став за матичната партија