19 Април, 2018
0.0807

Заев ја гледа 2018 како историска за ЕУ и НАТО, но време е да се врати „дома“

Објавено во: Колумни 19 Декември, 2017

Премиерот Зоран Заев во изминатите два месеца речиси секој ден е во странство, или во посета на соседите со кои одржи повеќе заеднички владини седници што беше остварено за прв пат во меѓусебните односи и политичка историја и како потег беше препознаено од сите меѓународни фактори. Премиерот Заев е дипломатска ѕвезда во овој момент и тоа го констатирам не поради тоа што сум огромен фан на неговата работа туку затоа што тоа го покажуваат релевантните дипломатски институции. Сепак, Заев иако следната година ја гледа историска за напредок во интеграциите во ЕУ и НАТО мора конечно да се врати „дома“ и да посвети повеќе внимание на домашните проблеми. 

Секако, од Заев не се очекува да биде политичар „пожарникар“ и секој ден да трча по сите можни проблеми на државата, но потребно е првиот човек на извршната власт да покаже визионерство и политичко водство и на домашен терен бидејќи таков ни е системот, од него се очекува да ги потегнува конците и да влијае врз носењето одлуки, инаку владата ќе продолжи да работи на вака бавен начин како досега со мала доза нерешителност и немање храброст да се преземат конкретни и сериозни чекори кои граѓаните ги очекуваат и немаат веќе трпение. 

Заев повторно беше во Брисел, се сретна со високата европска претставничка за надворешна политика Федерика Могерини и заклучи дека потребни се ефикасни реформи од кои ќе произлезат конкретни резултати. И ваквата формулација по состанокот во Брисел е добра, бидејќи покажува дека реформи на хартија веќе не проаѓаат кај никого и дека балканските политичари, вклучувајќи го и Заев мора да се докажат дека се способни менаџери кои ќе достават конкретни резултати од наметнатите политики, наместо да имаме закони кои се идеални според експертите, но се мртво слово на хартија бидејќи нема политичка волја за нивна примена или пак уште полошо во македонската политичка реалност е што нема силни државни институции и поединци со висок морален кредибилитет и професионална чистина кои ќе се решат да ги спроведат па макар и се соочиле со огромни пречки и последици.

Македонија е можеби пред нова политичка криза, постои голема неизвесност какви ќе бидат односите со опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, постојат закани за распад на актуелната владина коалиција или барем нејзин краток рок на траење и нова неизвеснот. 

Имаме се поголема општествена летаргија дека нешто суштински може да се подобри, дека може да се издигнеме себеси со посветена работа, со изградба на заеднички став за неопходните решенија, за надминување на партиската омраза и продолжението на лепење на политички етиките, стигматизација и маргинализација за искажан политичкки став. 

Постои огромна неусогласивост за бројни секојдневни проблеми, од тоа како да се справиме со кучињата скитници, до тоа дали треба да се организира прослава за Нова година на плоштад, тотална какафонија на социјалните мрежи и општествените кругови со микро групации и микро интереси кои не ни дозволуваат да делуваме како сериозна држава која знае во кој правец се движи и што сака да постигне. 

Затоа премиерот мора да посвети повеќе внимание и на домашната агенда, но тоа да биде суштински сторено без непотребен владин ПР и постојано инсистирање да присуствува на милион настани неделно каде ја дава неговата поддршка. Треба институциите да почнат да се градат на сериозен и професионален начин и тоа што беше силно ветувано да се исполни со поконкретна политичка динамика бидејќи како што заклучивме без суштински резултати преземените реформи за ЕУ и НАТО и нема да бидат од голема полза ако прво ние продолжиме со оштествената летаргија, а второ ниту меѓународните партнери би прифатиле таков исход на реформскиот процес без успешна изградба на институциите и напредок на политичкиот систем.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост