Заев ја уверува македонската јавност, Кумуцакос му „скока“ на Коѕијас
Објавено во: Балкан 16 Април, 2018
Ако македонската влада сега има потешкотии за решавање на деценискиот спор за името со левичарската влада предводена од Сириза, може само да замислиме како ќе биде доколку преговорите ги водат Кумуцакос како министер за надворешни работи и Кирјакос Мицотакис од Неа Демократија.
Токму последното обраќање на Заев пред македонската јавност во кое даваше уверувања дека нема да се задира во македонскиот идентитет и на најблаг начин беше искажано дека Грција не може да решава како ние ќе се викаме дома кај нас, веднаш Кумуцакос му скокна на министерот Коѕијас.
Грчкото МНР веќе еднаш неофицијално преку медиумите во Грција упати сериозни критики на адреса на Кумуцакос за неговите несериозни јавни настапи, а сега го потсетуваат и дека тој веќе бил детално избрифиран во целост од Коѕијас за начинот на кој се водат преговорите и за нивната содржина.
- Секако, ако Нова демократија сака да биде опозиција само колку да се каже, користејќи ги како аргумент изјавите на премиер на друга земја, во конкретниот случај на ПЈРМ, а не на грчкиот премиер и грчкиот министер за надворешни работи тоа е нејзина работа. Но, така, уште еднаш ја покажува големината на неодговорноста во управувањето со националните прашања, соопштуваат од прес центарот на Коѕијас, објави грчката државна агенција АНА-МПА.
Секако, Кумуцакос ќе ја користи секоја можна прилика, секој кажан збор на македонски политичар и секоја постапка, за да поентира како грчки тврдокорен опозиционер кој нема да им попушти ништо на „Скопјаните“ што всушност и во минатото го правеше неговата партија во политиките против Република Македонија, па затоа подобро е сега да се најде конечно решение меѓу двете страни за да нема подоцна ескалација на национализам и дополнително влошување на односите меѓу Македонија и Грција.