Заев: Недела неработен ден во ноември или декември, ако не се изгласа во септември
Објавено во: Економија 22 Септември, 2021
Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Законот за недела неработен ден е веќе искоординиран со работодавачите и треба само да се изгласа.
Ја повика опозицијата да не го кочи работењето во комисијата за труд и социјална политика во Собранието при донесувањето на ова законско решение кое треба да започне од 1 октомври.
- Не гледам ништо лошо во недела неработен ден, што е вече искоординирано и со работодавачите. Зошто да го блокираме? Ако тој се донесе, многу работници во недела ќе бидат со своите деца. Тоа ќе се донесе веројатно во ноември, декември, ако биде сега блокирано во септември, рече Заев.
И Сојузот на синдикати на Македонија се огласи денеска со реакција дека работниците поради пратениците и нивните политички пресметки ќе работат по 1 октомври во недела и нема да бидат соодветно платени за тоа.
- Апелираме пратениците да се пребројат и прекалкулираат уште еднаш, што тие губат и каква штета на работникот му прават, а воедно каква штета си прават и тие самите.
Ги повикуваме сите кои му мислат лошо на работникот да престанат со политичките игри и пресметки на грбот на оние кои ги гласаат.
Ги потсетуваме дека и тие имаат некој близок кој поради нивниот однос ќе продолжи да работи во недела, нема да биде платен за тоа, а пратениците ќе продолжат да ги уживаат нивните привилегии на грбот на работникот, па така тие кога ќе бидат во парламентот вo недела ќе добијат и надомест, плата и патни трошоци, а вработените во собранието и работниците во Државата нема да добијат ништо!
Со ваквиот однос, пратениците им ја кратат слободата на работниците да уживаат право на неработен ден во недела и им кратат приход на оние кои се во исклучоците, реагираат од ССМ.