Заев: Осудени се Мијалков, Јанкулоска и Чавков
Објавено во: Македонија 24 Октомври, 2019
Премиерот Зоран Заев по денешното сведочење во Кривичниот суд одговарајќи на новинарско прашање изјави дека не му е сеедно што судењата на некои предмети од поранешно СЈО почнуваат повторно од почеток, но и дека не е точно дека нема осудени високи функционери.
- Сашо Мијалков е правосилно осуден, само се чека одлука на Апелација, Гордана Јанкулоска е осудена, казната е само одложена, се надевам дека ќе оди в затвор, а осуден правосилно е и Митко Чавков, рече Заев пред новинарите.
За прислушкуваните разговори, за што и денеска сведочеше во случајот „Таргет и Тврдина“ рече дека краен консумент бил поранешниот премиер Никола Груевски. Перцепцијата на Заев укажувала на тоа дека Груевски бил тој кој обожавал да ги преслушува разговорите.
„Тоа да не се заборави во нашата земја. Лошотијата доаѓа од консументот Никола Груевски, тој слушал, па и семејни проблеми, слушал и невладини оганизации, верски заедници. Очите ми беа црвени, не спиев цели вечери за да го селектирам материјалот. Да се знае дека ниту Мијалков не е поштеден. Верушевски сведокот е истиот оној кому едно од неговите деца беше гонето по планините за да биде фатено и притворено“, вели Заев.
За коалицијата СДСМ - ДУИ пред парламентарните избори вели дека тоа е коалиција која ги решила најголемите проблеми во државата и дека работи на перспективата на граѓаните и создава амбиент за владеење на правото.
Повтори дека одредби од Преспанскиот договор се врзани со отворањето на поглавјата со ЕУ, особено во употребата на името во личните документи на граѓаните, односно во внатрешната употреба.