Заев: Работа на градоначалникот е да работи за граѓаните, а не да брани дивоградби
Објавено во: Македонија 13 Август, 2019
Премиерот Зоран Заев на Фејсбук објаснува дека со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети разговарал за проблемот за експанзија на дивоградби на Матка.
Барал да се постапува по закон и низ институциите на системот. Вели дека тоа го бараат и граѓаните и тоа ќе го обезбедат затоа што тоа е работа на јавните институции.
„Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А, за работата на ДКСК судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети. Вистината за тоа што јас сум разговарал со Беџети како координатор на правниот тим на ДУИ е следна: Сум зборувал за многу прашања кои се значајни за добивање датум на преговори со ЕУ. Сме зборувале за сѐ уште неизгласаниот Закон за јавно обвинителство, за донесените закони за судови и судски совет, но и како да придонесеме донесените закони да се имплементираат, да профункционираат. Со него сум зборувал дека сите учесници во правосудните институции, а избрани во Парламентот, треба да бидат пример за другите учесници во правосудството и да носат одлуки, а не поради било какви изговори постојано да ги одложуваат одлуките“, пишува Заев.
Заев и денеска го повторува ставот дека правната држава можеме да ја добиеме онаква каква што сите ја посакуваме единствено ако овозможиме слободно и независно да одлучуваат сите учесници во правосудството, без да им се прави притисок за суштината на нивните одлуки, но секако и без да им се дозволи или да им се прави притисок за одложување на одлуките.
„Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата. Дополнително, со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно“, пишува Заев.
Претходно, Беџети го обвини премиерот Заев за притисоци и нарачки за разрешувања.