ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОДАТОЦИ: Се помалку студенти заинтересирани за математика и природни науки
Објавено во: Македонија 23 Март, 2018
Природните науки и математиката се на дното, бројот на студенти кои се запишуваат на овие области е сѐ помал. Младите не се многу заинтересирани за овие области. Ова е заклучокот од Конференцијата посветена на природните науки и математиката. Деканот на факултетот вели дека биле игнорирани укажувањата на наставниот кадар за проблемите. Според него, нужни се реформи.
„Ние реагиравме, но другите чинители на образовниот процес не го препознаваа тоа што реагираме, и скоро да не игнорираа. Многу се израдувавме што овие проблеми и излезот од овој пат е препознаен од нашето ресорно министерство. Тоа е уште еден гарант дека сме на добар пат да ги најдеме решенијата на проблемите“, изјави Ицко Ѓоргоски, декан на ПМФ.
На меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици многу лошо котираа. За министерката Дескоска ова е резултат на наталожените проблеми и поради тоа што овие области со години биле занемарени и подложни на лоши експерименти. Најави реформи во наставните планови и програми. Дел од новините се стипендии и отворање на информатичко- математичка гимназија.
„Учениците коишто ќе се запишуваат во оваа гимназија ќе бидат тестирани врз основа на построги критериуми, ќе бидат стипенирани од МОН, а оние коишто не живеат во Скопје ќе бидат сместени во ученички домови со цел да им се олесни престојот во главниот град“, изјави министерката за образование и наука, Рената Дескоска.