ЗАРОБЕНИТЕ ВОЈНИЦИ НА АЗОВ ЗА МЕДВЕДЧУК?: Москва најави можна размена
Објавено во: Свет 23 Мај, 2022
Повеќе од 1.700 украински војници од баталјонот Азов кои повеќе недели беа
во фабриката за челик-Азовстал во Мариупол од 16. мај се приведени и се на
руска територија, а светот со нетрпенија очекува разврска на нивната судбина.
Иако, досега не стана збор за никаква размена, особено што дури се споменуваше дека нив ги чека смртна казна, France 24, денеска пишува дека Москва сепак најавува таков чекор.
-Руски преговарач вели дека Москва би размислила за размена на затвореници од украинскиот крајнодесничарски баталјон Азов за Виктор Медведчук, богат украински бизнисмен познат по неговите блиски врски со Путин, наведува France 24.
Инаку, претходно, претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин, излезе со изјави со кои тврди дека украинските воени затвореници - кои тој ги опиша како „нацистички криминалци“ - не можат да бидат предадени.
На 26 мај, Врховниот суд на Руската Федерација треба да донесе одлука за прогласување на Азовскиот баталјон за „терористичка организација“, што би значело забрана во Русија. Се вели дека Генералното обвинителство на земјата води преговори зад затворени врати за предлогот што го подготви за таа цел, пишува Deutsche Welle.
ФОТО: EPA/ALESSANDRO GUERRA