Засадени дрвца во Чаир украдени по само една ноќ
Објавено во: Македонија 11 Ноември, 2019
Непознати сторители изминатава ноќ украле девет украсни садници од јавното
зеленило пред Поликлиниката „Чаир“ кои екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги
засадија во текот на вчерашниот ден. Со кражбата е причинета материјална штета,
а претходно уреденото зеленило на локацијата е изгазено и уништено. Инцидентот
е пријавен во полиција.
Екипите на Градот Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве се на терен во
сите скопски општини и засадуваат нови зимзелени и листопадни дрвца за да ги
обноват уништените дрвореди по должината на градските улици и булевари и за да
подигнат нови. Во оваа есенска акција за засадување дрвја, на местото на
украдените садници пред Поликлиниката „Чаир“ ќе бидат засадени нови садници.
„Засадувањето дрвја е приоритет на Градот Скопје како влог за чиста и здрава
животна средина. Скопје и скопјани заслужуваат да имаат убаво уредени зелени
површини. Поради тоа, Градот Скопје апелира до граѓаните да ги чуваат дрвјата и
другото зеленило на јавните зелени површини и да придонесат за почиста и
поздрава животна средина“, соопштија од Град Скопје.