ЗАВРШУВА ТЕНДЕРОТ: Каква цена на струјата ќе донесе универзалниот снабдувач?
Објавено во: Економија 11 Декември, 2018
Утре истекува рокот во кој заинтересираните компании можат да се пријават на јавниот повик за избор на универзален снабдувач со електрична енергија што го распиша Владата во септември, согласно новиот Закон за енергетика.
Овој тендер е дел од процесот за целосна либерализација на пазарот на електирична енергија, со која и домаќинствата и малите фирми ќе можат да изберат која компанија ќе ги снабдува со струја. Досега таква привилегија имаа само поголемите компании.
Универзалниот снабдувач ќе биде должен да го опслужува секој корисник што нема да излезе на слободниот пазар. Односно секое домаќинство ќе може да бира од која компанија ќе купува струја за своите потреби, а ако не направи избор, тогаш струја ќе добива од универзалниот снабдувач. Клучна новина е што корисниците од т.н. ранливи категории ќе бидат заштитени од исклучување во зимските периоди поради неплатени сметки, а ќе остане и евтината тарифа за домаќинствата.
Главните критериуми за избор се: фирмата да има капитал од 20 милиони евра, искуство во дејноста и способност за испорака на сметки, а пресудна ќе биде цената што ќе ја понудат за маржата за покривање на нивните трошоци. Изборот треба да заврши до крајот на годинава, а универзалниот снабдувач да почне со работа од 1 март.
По неколкукратно одлагање, сега Владата е одлучна дека нема одлагање на либерализацијата на пазарот за електрична енергија, без разлика дали на тендерот ќе се одбере универзален снабдувач. Во периодот додека не се избере, домаќинствата ќе ги снабдува „ЕВН Македонија“ за да се обезбеди сигурност во снабдувањето на сите потрошувачи. Според најавите, ако овој тендер биде неуспешен, ќе се распише нов тендер, а ако тој не успее тогаш Владата ќе треба да побара мислење од Регулаторната комисија за енергетика како да постапи натаму.
Првичните пресметки покажуваат дека на почетокот на либерализацијата на пазарот на домаќинствата нема да им се исплаќа да излезат на слободниот пазар на електрична енергија, зашто ќе треба да плаќаат повисока цена од регулираната. На малите компаниии, пак, кои сега плаќаат индустриска цена за потрошената електрична енергија ќе им биде поисплатливо да бидат на слободниот пазар, бидејќи тие сега имаат двојно повиски сметки и на некој начин субвенционираат да биде пониска центата на струјата за домаќинствата.
Сепак, во првите неколку години не се очекува скок на цената на струјата бидејќи неа ќе ја гарантира државното АД ЕЛЕМ. Во Законот за енергетика има заштитен механизам за малите потрошувачи и за домаќинствата поради тоа што АД ЕЛЕМ ќе биде обврзан во 2019 година да обезбедува најмалку 80 отсто од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата, па 75 отсто во 2020 година и за секоја во наредните седум- осум години, кога овој процент ќе се намалува за пет отсто годишно. Односно преку производната цена на ЕЛЕМ ќе се обезбедува механизам за заштита на домаќинствата за да нема ценовни шокови. Во моментов производната цена на ЕЛЕМ е околу 39 евра за мегават час, а цената на киловат час електрична енергија во Македонија која ја плаќаат домаќинствата е номинално најниска во Европа и многу под пазарната, но и нашиот стандард е најнизок на Стариот континент.
М.Б.