26 Јули, 2021
0.0184

Зеленото сонце на слободата!

Објавено во: Колумни 25 Јуни, 2021

Не поминаа ни 24 часа откако ДУИ се ребрендираа во зелени, а лидершипот на оваа европска и прогресивна партија веќе утредента побрза да ја оствари зелената агенда со најава за подигање на грандиозен споменик на ОНА во Липково, кој ќе чини 200.000 евра. Но, зелените не застануваат тука. Газат по зелената, широко трасирана агенда. Зелениот, по зелен не може да биде, Али Ахмети, после само една недела-две од ребрендирањето најави договор за знамето, химната и грбот. Нагазнаа јако на зелената агенда, ашколсум! Aние останатите, не-зелени, крајно изненадени: „па чекајте, нели зелени се сега, нели Охридскиот имплементиран, надграден и проширен, двојазичноста завршена, федерализацијата - факт... нели ребрендирањето требаше да значи крај на етно-трибалистичките агенди!?“

Но, во севернава, само будала може да биде изненаден. Мене одамна веќе ништо не ме изненадува. Затоа, наместо да се изненадуваме, ајде да си поиграме со две хипотези. Првата, можеби поневеројатна, но интересна, возбудлива, податлива за есеистичка игра. Па да си поиграме. Веројатно знаете, а можеби и не, дека боја на исламот е зелената. Ахдар-бојата на рајот, уште во XII-от век е избрана од Шиитскиот Ислам за нивна боја, како контраст на црната – обележје на Суните. Но, оттогаш, иако врзана за Шиитите, зелената станува доминантен симбол во исламската иконографија воопшто, независно за кој ред. Така, денеска дури и доминантно Сунитски држави, како Саудиска Арабија и Пакистан, во своето знаме ја користат зелената боја. Како што знаеше да каже еден мој професор: битието има боја – зелено е! Независно Шиити или Суни, зелената специфична, онтолошка, боја на Исламот.

И сега, да не би ДУИ да се ребренираа во вакви зелени!? А зошто да не!? Од осамостојувањето, до денес, евидентно е дека секоја нова партија на македонските Албанци беше порадикална од претходната. Од ПДП која имаше граѓански шмек, преку ДПА која срамежливо и институционално „војуваше“ за малцински права, до ДУИ која војуваше малку поинаку, партиите на македонските Албанци континуирано се радикализираа, до точка, да партиите кои никнаа после ДУИ имаат и отворена исламистичка платформа. Дали новите партии на македонските Албанци никнати после ДУИ, со својата отворена исламистичка агенда, претставуваат закана за ДУИ, па овие имаат потреба да „позеленат“!? Рековме, оваа хипотеза изгледа малку веројатна. Прво, заради фактот што никој марксист-ленинист, какви што се декларираат револуционерите од ДУИ на чело со Ахмети, не би се осмелил да прејде во таборот на „верниците“, оти, нели „религијата е опиум за масите“! И второ, затоа што барем декларативно, лично Али и другарите објавија дека зелено значи екологија! Втората хипотеза е... скоро исто неверојатна, но прилично плаузабилна. И за мене, за нас, прилично оптимистичка. А јас сум непоправлив оптимист. Па ајде да си поиграме и со оваа хипотеза.

Нема да ја откријам Америка, ако го констатирам фактот дека ДУИ, од формирањето како партија до денес, не дишат без наредба од „Калето.“ Сакате да ги знаете намерите на нашиот господар – САД? - следете го однесувањето на нивните горди измеќари, ДУИ и ќе ви се разјасни. Како што Амбди Бајрам, Бог да му душа прости, беше лакмус за промена на власта, така и ДУИ се лакмус за Калето. Реков, сакам да сум оптимист, па да разгледам една оптимистичка хипотеза.

Оди вака. Изминатите 30 години покажаа дека идејата за интеркултурна интеграција е невозможно да се спроведе од партии на етнички Македонци, затоа што секој обид за тоа ќе биде интерпретиран како обид за асимилација. Концептот на мултикултурно општество и интеркултурна интеграција (и ова го тврдам сериозно), е можно да се спроведе само и исклучиво од малцинските групи и нивните претставници. Прво, затоа што тие треба да посакаат да го сторат тоа и да го реализираат. И второ, затоа што само кога некоја идеја потекнува одоздола, одвнатре, може да се доживее како оригинерна, изворна, сè друго ќе биде доживеано како наметнато. Не ми верувате? Проверете со „голо око“: безброј владини, невладини институции, официјални, неофицијални претставници, домашни, странски донации...30 години се обидуваат да спроведат на терен концепт за интеркултурна интеграција, додека во реалноста се случува спротивното - сегрегација, наместо интеграција – токму затоа што тоа не потекнува одвнатре, од самите малцински групи и нивните претставници, институции и политички партии.

И сакам да верувам дека овде влетува „чичко Сем“ преку ДУИ. Има ли „пограѓанска“ идеја од зелената, има ли понеутрална идеја од еколошката, има ли поинтегративна платформа од грижата за биолошкиот живот, има ли пообединувачки, помобилизирачки агенс за сите граѓани, од грижата за животната средина!? Нема! Да се биде зелен, екологист, значи да се води битка за еколошките прашања, кои ги засегаат сите граѓани на оваа држава, независно од нивната етничка, верска, политичка...припадност! ДУИ, како доминантен контролор на теренот на македонските Албанци е единствената сила во моментот која, ако сака, може да одигра клучна интегративна функција. И ако сум оптимист, а сакам да сум, ќе речам дека оваа ролја на ДУИ е наредба од „чичко Сем“!

Но, оптимистот секогаш е демантиран од реалноста. Прво, зошто мислам дека е наредба од Калето? Па затоа што евидентно е дека на ДУИ не му се допаѓа. А како знаеме дека не му се допаѓа? Па, од едноставните причини со кои ја започнавме оваа колумна: не чекаа ни 24 часа да поминат од „големото откритие“ кое го најавија со ребрендирањето, тие побрзаа да испратат порака до своите гласачи: „без грижа, тоа зелени-мелени, е само маската што бараат да ја ставиме, во стварноста ние продолжуваме да го работиме тоа што најдобро го знаеме-етнотрибализам и етношовинизам“! Тие секако се свесни дека зелената ролја што им е дадена ќе ги чини многу на терен, впрочем, ќе ги чини сè! Па тие се формираа не како зелени, ами како „Црвени“ (Кмери), та зарем сега допрва „Мара дупка ќе отвара“, па ќе се префарбуваат!? Не иде тоа. Како бидува оние кои се формираа, промовираа и скоро 20 години реализираа етношовинистичка агенда, одеднаш да се грижат за воздухот во Штип? Затоа побрзаа да пратат порака на теренот на своите гласачи дека наспроти наредбата од Калето, ним во фокусот им останува знамето, химната и грбот. А иако за симболите веќе пишував, за нив, по втор пат, веќе во следната колумна, затоа што евидентно е дека новото сонце на слободата што ќе изгрева над севернава, ќе биде зелено! Та зарем не беше и битието зелено!?

Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор



Можеби ќе ве интересира

Русија и Авганистан – кој еднаш се изгорел ќе дува и на ладно млеко

Русија и Авганистан – кој еднаш се изгорел ќе дува и на ладно млеко