ЖЕЛЕЗНИЦАТА СО ГОДИНИ БЕЗ ИНВЕСТИЦИИ: Еве кои линии се најфреквентни
Објавено во: Економија 20 Септември, 2019
Најмногу патници со воз патуваат на релација Скопје – Велес и Скопје – Битола, потврдуваат од Железници на Република Северна Македонија транспорт.
Со години овие две релации имаат најмногу патници, а луѓето од Велес и Битола имаат навика да патуваат со воз до главниот град, затоа што е поевтино, но и попрактично. Велешани на работа во Скопје со години одат со воз и патуваат 50-тина минути.
„Петнаесет години овие две релации се најфреквентни, со тоа што за Битола имаме четири пара возови дневно, да одат и да се вратат, но сега поради технички причини сообраќаат само три пара. Додека за Велес има повеќе линии, затоа што и оние возови кои патуваат кон Битола поминуваат низ Велес, оние кои одат до Гевгелија и Кочани, така што велешани дневно имаат десетина возни линии“, вели Саше Јовановски, директор за патнички сообраќај во Железници на Република Северна Македонија транспорт.
Но, не само работници, и студенти патуваат со воз.
„Во студентските денови патував со воз, а сега скоро и да не патувам со овој вид на превоз, но знам многу луѓе кои патуваат, и ја бираат таа опција затоа што е евтино“, вели Дејан Ангелов, граѓанин на Велес.
Но, од друга страна најмалку патници има во возовите кои сообраќаат до Кичево и Кочани.
Статистиката покажува дека македонските граѓани почнуваат почесто да се возат со воз.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2019 година, во однос на првото тримесечје од 2019 година, бројот на превезените патници во патниот патнички превоз е зголемен за 11.7 %, во градско-приградскиот превоз за 1.3 %, во железничкиот превоз за 13.1 %, додека во воздухопловниот превоз е зголемен за 41.5 %.
Сања Атанасовска