ЖИТЕЛИ ОД СВЕТИНИКОЛСКОТО СЕЛО ОРЕЛ БЕЗ ВОДА НА 40 СТЕПЕНИ - прашуваат каде е локалната власт да им помогне
Објавено во: Македонија 31 Јули, 2021
Граѓани од село Орел, светиниколско, се жалат дека немаат вода на овие пеколни температури, а за тој проблем, како што велат, градоначалникот не презел мерки за негово решавање.
Оваа мака граѓаните на село Орел не ја имаат само сега, туку како што нагласуваат, со неа се соочуваат неколку години.
„Ние граѓани од Свети Николе поточно од с.Орел на 10 километри од градот на овие високи температури останавме без капка вода. Од надлежните наидовме на затворени врати, иако неколку години се соочуваме со овој проблем“, ни напишаа овие граѓани, во прилог на што ни испратија и видеа и фотогрфии.
Велат дека се приморани за овој проблем да бараат помош од медиумите.
„Во овие жештини и во време кога се апелира на хигиена поради ковид, ние немаме ниту капка вода“, се жалат овие граѓани.
Нагласуваат и дека му се обратиле на светиниколскиот градоначалник, но од него не добиле никаков одговор.
„Има многу постари луѓе од нашето село кои што поради овие горештини и недостигот од вода се во критична состојба, а и добитокот е пред колапс“, ни пишува оваа граѓанка од тоа населено место.
Ова од село Орел го објавија и на својот фејсбук профил.
„ШОКАНТНО!!! ВО 21 ВЕК без ВОДА!!! На пеколни температури од над 40 степени село ОРЕЛ, Свети Николе, е без капка вода, ни за луѓето, ни за стоката. Пресушија сите канали. Каде е локалната власт да им однесе цистерни со вода на селаните?“, прашуваат селаните на фејсбук профилот.
Градоначалник на Свети Николе е Сашо Велковски.